Васоски: Последно што знам е дека Самсоненко останува во ФК Вардар!

Како гром од ведро небо попладнево одекна веста дека рускиот бизнисмен Сергеј Самсоненко се повлекува од спонзорирањето на ракометниот македонски првак Вардар, со што ги отвори прашањата дали ќе го остави и фудбалскиот клуб кој е под негова капа од јануари 2014 година.

Заминувањето на Самсоненко од РК Вардар доаѓа на шест дена пред првиот меч на ракометарите со унгарски Пик Сегед во четвртфиналето во Лигата на шампионите, а фактот дека РК Вардар е газда на ФК Вардар со преземањето од град Скопје во јануари 2014 година, ги отвора прашањата за (не)останување во фудбалскиот клуб.

Вардаровиот тренер Александар Васоски беше затекнат од соопштението на рускиот бизнисмен на сајтот на РК Вардар, но посочи дека за ФК Вардар засега нема најави за некакво заминување, напротив, последните информации биле дека Русинот останува во ФК Вардар.

„Последно е дека Сергеј останува во Вардар! За ракометот не знам, можеби заминувањето е зашто од ракометот нема никаков бенефит, за разлика од фудбалот каде што има поврат на пари и со некој буџет кој може да го обезбеди може да функционира клубот нормално. Останувањето плус е и зашто во ФК има и инвестиции со тренинг-центарот, Академијата...“, вели Васоски.

Летоска кога ФК Вардар испадна во првото квалификациско коло во Лига Европа имаше најави дека Самсоненко ќе го врати Вардар на град Скопје, но потоа од тоа не излезе ништо, а Самсоненко продолжи да спонзорира и ги исплати најголемиот дел од долговите на 31 јануари годинава за фудбалскиот клуб да не извиси за лиценца.