Вардар за седум месеци се откажа од фудбалери вредни – 6,3 милиони евра!

Заминувањето на еден од најдобрите странци во историјата на најтрофејниот македонски клуб Вардар, Хуан Фелипе и тоа без никаков финансиски бенефит за црвено-црните е кулминација на катастрофалната политика да се остане без речиси никакви приходи од екипата која три години владееше во Македонија и испиша историја со настапот во групна фаза во Европа. 

Кога сѐ ќе се собере, од стартот на сезонава Вардар се откажал од 6,3 милиони евра (податоци од „Трансфермаркт“) вредни фудбалери досега.

Вардар доминацијата на домашно тло ја завери со историското учество во групите во Лига Европа, во кои освои еден бод, а даде три гола, но комплетниот тим што газеше по македонските терени за седум месеци практично се распадна. Црвено-црните летоска под водство на Гоце Седлоски во јули тргнаа во европската авантура со Малме, која продолжи преку Копенхаген и турски Фенербахче со новиот кормилар Чедомир Јаневски, а заврши со настапот на големата сцена, Вардар сега останува речиси без цел еден тим кој може да влезе во записник.

И ако се погледне колкава била вредноста на најпопуларниот сајт за трансфери „Трансфермаркт“, без да навлегуваме во тоа дали податоците се релевантни или не, ако се собере, црвено-црните за седум месеци загубиле 6,3 милиони евра вредни фудбалери. Колкава била вредноста на овој тим што замина или допрва ќе замине од македонскиот бренд е фактот што вредноста на овие 15-мина фудбалери е речиси колку вредноста на најдоминантниот тим сезонава, тетовска Шкендија, а убедливо пред сите останати прволигашки конкуренти.

Од сите што си заминаа летоска пред крајот на преодниот рок, преку овие во зимскиот преоден рок, а и тие што на лето ќе си одат, само репрезентативецот Бобан Николов и бразилскиот напаѓач Џонатан Боарето Балотели донесоа пари во касата од трансферите. Вкупно – 700.000 евра. Балотели беше продаден веднаш по голот за победа со Копенхаген на катарска Ал Гарфа за 600.000 евра, а Николов зимоска на унгарски Видеотон за 100.000 евра.

Од сите останати, а Вардар го напуштија 15 фудбалери, дури 13 си одат како слободни фудбалери и тоа од најразлични причини - или се прекубројни или не се вклопуваат во визијата за иднината или се „казнети“ затоа што договорот им истекува на лето.

Прв кој повлече нога за Вардар да остане со празни раце беше Стефан Спировски, македонскиот репрезентативец, веднаш по историското гостување во Истанбул и пласманот во Лига Европа. Замина во унгарски Ференцварош како слободен фудбалер -  зимоска ќе му завршеше договорот со Вардар. Поучени од тоа, Вардар наплати минимално од Николов за заминувањето во Видотон, но нема да добие ништо од третиот репрезентативец Дарко Велковски, кој од лето како слободен оди во Риека. Исто нема да добие ни цент од ерменскиот репрезентативец Хофханес Хамбарџумјан, кој сега има „замрзнат статус“ поради недисциплина и на лето со чисти документи ќе си замине. За Висар Муслиу, аматеризмот со аматерскиот статус кој управата му го дала кога дојде летоска од Ренова, заврши со дриблинг преку Приштина во Шкендија. Сите овие, кои беа стартери во Вардар на пазарот според „Трансфермаркт“ вредат помеѓу 600 и 800.000 илјади евра

Капак на сè е заминувањето на првата виолина и тоа среде сезона, а Хуан Фелипе има договор до 2020 година, што само јасно потврдува дека Вардар наместо да се опари, останува со празна сметка и без идеја како да се замени сето тоа што заминува. А, да е болката поголема, нема да биде изненадување ако си оди и Тигран Барсегјан, чија вредност е проценета на 750 илјади евра, Евгениј Новак (500.000 евра), како едни од највредните фудбалери-странци во актуелниот табор.

Можеби Вардар од овие фудбалери немаше да заработи 6,3 милиони евра, колку што се проценките на специлизираниот сајт, но повеќе од јасно е дека црвено-црните со неправилната кадровска политика, доцни преговори за нови договори, лоша проценка кога да се продаде фудбалерот, загубија пари со кои повеќе од сигурно е дека ќе имаа приход за барем уште една суперсезона или во најмала рака силна инвестиција која ќе требаше на лето да донесе нов европски успех. Вака, со овој распад на комплетниот систем, повеќе личи на враќање на миленикот кон тмурните години за преживување, а не реконструкција за нов доминантен тим во иднина.

БЕЗ КОИ ФУДБАЛЕРИ ОСТАН(УВ)А ВАРДАР

играч – клуб – трансфер – вредност на пазарот

ЛЕТО 2017

Стефан Спировски – Ференцварош (Унгарија) – слободен – 600.000

Дамир Којашевиќ – Војводина (Србија) – слободен – 600.000

Џонатан Боарето Балотели – Ал Гарфа (Катар) – 600.000 евра – 500.000

ЗИМА 2018

Бобан Николов – Видеотон (Унгарија) – 100.000 евра – 600.000

Бесир Демири – Мариупол (Украина) – слободен – 500.000

Висар Муслиу – Шкендија – слободен – 600.000

Јамбул Џигаури – Актобе (Казахстан) – слободен – 400.000 евра

Итало – Атлетико Линенсе (Бразил) – слободен – 400.000 евра

Петар Петковски – Работнички – слободен – 100.000 евра

Есмин Личина – ФК Скопје – слободен – 200.000

Томе Пачовски – пензија

ПРОЛЕТ 2018

Хуан Фелипе – се враќа во Бразил – слободен – 800.000 евра

ЛЕТО 2018

Дарко Велковски – Риека (Хрватска, од лето) – слободен – 800.000 евра

Хофханес Хамбарџумјан – непознат клуб – слободен – 600.000 евра

Филип Стојчевски – непознат клуб – слободен – 100.000 евра