Вардар добива уште три засилувања, а пред договор е и со ирански напаѓач!
Вардар во текот на следната недела како засилувања ги очекува српскиот голман со македонско потекло Александар Кировски, поранешниот чувар на мрежата на Земун, кој сега е дел од белградски Чукарички, а беше младински репрезентативец на Србија. Како засилувања, кои од поодамна се најавуваа во Вардар, во Словенија би требало да допатуваат и Коста Манев, кој е релативно непознат за македонската јавност и кој веќе седум години игра во Финска. Манев, 25-годишниот радовишанец е стопер и треба да ја пополни дупката во одбраната. Третиот фудбалер што треба да дојде во Словенија и младинскиот репрезентативец Михаил Маневски, фудбалерот на Академија Пандев, кој во минатата сезона играше на заем во Брегалница. Маневски беше дел од селекцијата до 19 години, која играше елитни квалификации и треба да биде засилување за левата бековска позиција.
Овие тројца според информациите веќе се договорени со Вардар и сега останува само тие договори да се потврдат и триото да допатува во Словенија за да му се стави на располагање на тренерот Бобан Бабунски.
Од друга страна, Вардар веќе активно преговара со Иранецот Мохамади, кој треба да го засили нападот. Станува збор за брз фудбалер, кој дополнително треба да ја забрза играта во нападот. Мохамади има 24 години, роден е во Техеран, а од 2016 година игра за Сепахан, откако одбил да потпише за еден од најголемите тимови во неговата земја Естеглал (таму игра Бојан Најденов) затоа што бил навивач на големиот ривал Персеполис, клуб во кој и ја почнал својата фудбалска кариера како младинец.
Ако Вардар успее да го ангажира Мохамади, ќе остане задача за управата на клубот да најдат уште двајца офанзивни фудбалери со што и би се комплетирал преодниот рок во кој сосема поинакви идеи имаа црвено-црните, затоа што првично планираните и речиси договорени трансфери со Тамбе, Клаудиу Бумба и Милош Петровиќ, но за сите тие црвено-црните немаат доволно пари за да им ги исполнат финансиските барања. Особено за Камерунецот Тамбе, кој се премислил за доаѓање во Скопје откако добил понуда од 300.000 евра годишно од молдавски Шериф Тираспол.
Досега во Вардар дојдоа Филип Најдовски од Победа, Дарко Мицевски, кој се врати од Либан, македонскиот Австралиец Алекс Талески и Бразилецот Јуфо, кој е единствениот што потпиша од првичниот план за засилувања на црвено-црните.