Вардар и Работнички се враќаат на „Филип Втори“

Двата соседски ривали Вардар и Работнички повторно ќе играат на Националната Арена „Филип Втори“, откако јавното претпријатие за стопанисување со станбен и деловен простор (АДСДП) ги врати старите цени за закуп на најголемиот наш стадион.

Голема бура се крена откако претпријатието ги зголеми цените за закуп на Арената и тоа на 40 часа пред дебито на црвено-црните во Лига Европа против руски Зенит, кога македонскиот шампион плати 40 илјади евра вклучувајќи го и ддв-то (34 илјади е цена за меч), по што двата соседски ривали избегаа од „Филип Втори“. АДСДП ги врати старите цени откако Вардар гневно изреагира, а двата „концесионери“ избегаа од стадионот.

Работнички сезонава не одигра ниту еден меч на најголемиот наш стадион и домашните мечеви ги играше на стадионот во Ѓорче Петров, а вардарци само еднаш во три меча беа домаќини на својот матичен стадион, пред десетина дена против Силекс (3-1). Еднаш Вардар беше домаќин во Ѓорче, а откако избега од Арената, вчера домашниот меч со Ренова го одигра во Маџари на стадионот „Борис Трајковски“. Работнички најави дека својот следен првенствен меч со Академија Пандев в недела ќе го одигра на „Филип Втори“.

Јавното претпријатие стави ненормални цени за закуп на стадионот, па првенствени мечеви во фудбал чинат од 3.000 за денски меч до 6.000 за вечерен меч, додека закупот за европски мечеви почнува од 11 илјади евра па се до 55 илјади ева, ако се организира полуфинале во некое од европските натпреварувања.