Вардар и Пелистер со незгодни испити пред „ел класико“, Работнички бара излез од дното

По два меча без победа во низа, македонскиот шампион Вардар денеска (15.30 часот) на стадионот „Борис Трајковски“ во скопската населба Маџари ќе се обиде да се врати на победничките патеки во пресметката со цврстата Ренова во вонредното шесто прволигашко коло во кое излез од „кризата“ ќе бараат и битолски Пелистер и скопски Работнички.

Откако загубија два непланирани бодови на Железарница против Скопје (1-1) во неделата, црвено-црните ќе мора да најдат начин да се мотивираат за домашните мечеви и нерамните трени за да не заглават подлабоко во негатива во однос на актуелниот лидер Шкендија. На гости во Маџари, каде Вардар „избега“ поради прескапиот цновник на Арената „Филип Втори“ доаѓа незгодната Ренова, која од стартот на сезоната игра со единствена цел – да не прими гол.

Вардар има добра традиција против „гипсарите“, па веќе три години има максимален ефект како домаќин, но сепак тоа избраниците на Чедомир Јаневски ќе мора да го потврдат и денеска. Од 14 септември 2014 година, кога последен пат тетовскиот клуб освои бод на гостување кај Вардар, само двапати црвено-црните се радувале со минимални 1-0, а пет од тие седум меча им се најмалку со два гола разлика. Денеска Вардар ќе биде без суспендираниот капитен Бобан Грнчаров, повредените Владица Брдаровски и Евгениј Новак, па Јаневски ќе мора да изнаоѓа решенија за да ги пополни дупките и сите тие да одиграат на ниво, а пред се да не ги повторуваат грешките од претходните мечеви, најмногу поради демотивираноста за домашни мечеви по историскиот успех во Европа.

Соседскиот ривал Работнички неочекувано по пет рунди е последен на табелата, па во Прилеп и дебармаалци ќе бараат излез од кризата. Само два бода освои Работнички досега во сезоната и на Могила за нив ова е шанса да избегаат од дното, но Победа нема да се откаже од шансата грогираниот ривал да го победи, откако Шкендија во претходниот меч им откри многу слабости.

Актуелниот куп-победник Пелистер, кој исто така влезе во кризен период по само едниот освоен бод во последните два меча (реми 0-0 со Скопје и пораз од Ренова со 0-1) има исклучително тешко гостување во Струмица кај Академија Пандев, која е вистински хит засега во сезоната како дебитант во елитата со осум бода и делба на второто место токму со битолчани. Пелистер ќе бара излез од кризата особено што в недела го очекува македонското „ел класико“ пред свои гледачи, па добар резултат од Струмица за нив би бил многу важен за подигнување на самодовербата. Ова е впрочем дерби на колото затоа што играат вториот и третиот на табелата по досегашните пет рунди.

Шкендија е домаќин и апсолутен фаворит со Силекс, кој веќе три меча е без освоен бод, додека Шкупи ќе се обиде на свој терен да го запише и третиот триумф во низа против Скопје во останатите два меча во ова коло.

ПРВА ЛИГА, 6. КОЛО (15.30 Ч.)

Тетово: Шкендија – Силекс (судија Игор Стојчевски)

Маџари: Вардар – Ренова (судија Александар Ставрев)

Чаир: Шкупи – Скопје (судија Крумислав Ѓорѓиев)

Струмица: А. Пандев – Пелистер (судија Димитар Мечкаровски)

Могила: Победа – Работнички (судија Марјан Гоцевски)

ТАБЕЛА

Шкендија 13, Пелистер 8, А. Пандев 8, Вардар 7 (-1), Шкупи 7, Силекс 6, Ренова 5, Победа 5, Скопје 3, Работнички 2 (-1).