Вардар ѝ должи на државата 320.000 евра неплатен данок!

Најтрофејниот македонски фудбалски клуб Вардар, кој цела година се наоѓа во сериозни финансиски проблеми ѝ должи на државата 312 илјади евра за неплатен данок, објави денеска Управата за јавни приходи (УЈП), која објави листа на преку 4.000 должници.

Вардар во изминатата 2018 година имаше сериозни проблеми, иако на сметката на клубот легнаа 4,2 милиони евра од настапот година претходно во групната фаза во Лига Европа, но и покрај сè од клубот си заминаа речиси сите ѕвезди, а клубот се соочи со закана за суспензија од Европа од страна на УЕФА поради неизмирени долгови заклучно со 31 јануари годинава.

И откако новата година Вардар ја дочека со деблокирана сметка, која цели шест месеци беше „затворена“ поради долг за користење на Националната Арена „Филип Втори“, а фудбалерите добија по две плати, сега нов шок ги дочекува црвено-црните, па УЈП објави дека Вардар должи точно 321.433 евра.

Ова е нов голем проблем за клубот, кој неделава ги започна подготовките за пролетниот дел од сезоната во кој навивачите очекуваат засилувања за да се борат за шампионска титула, а црвено-црните се во цајтнот да ги исчистат натрупаните проблеми за да не извисат за Европа и да ги исчистат долговите до 30 септември лани, како што бара европската централа.

Сега со новата објава од УЈП, Вардар уште повеќе влегува во проблеми.