Барсегјан нема работна дозвола, сѐ додека Вардар не ги подмири долговите!
Барсегјан уште пред три недели замина од Скопје во Ереван за да извади нова работна дозвола и поради тоа ги прескокна дуелите во Купот со Македонија ЃП, по кој црвено-црните испаднаа во осминафиналето, како и дуелот со Академија Пандев во првенството, кој вардарци го добија со 3-0 и на тетовци им избегаа на седум бода.
Според информациите Барсегјан е заглавен околу добивањето на работната дозвола поради неисплатените плати, а најмногу поради тоа што не е платено здравственото осигурување од страна на Вардар. Поради тоа процедурата е запрена, а дозвола наводно може да добие само ако Вардар ги подмири долговите кон фудбалерите и вработените.
Вардар заглави во сериозна финансиска криза летово, кога сметката беше блокирана од Акционерското друштво за стопанисување со станбен и деловен простор (АДССДП) поради долгови за користење на Националната Арена „Филип Втори“, а потоа едвај успеаа црвено-црните да ја платат котизацијата за учество во Првата лига. Во целиот хаос, во кој фудбалерите буквално играат бесплатно, газдата Сергеј Самсоненко најави повлекување од фудбалскиот клуб, но со ветување дека сè ќе исплати до крајот на годината. Згора на ова, клубот им должи пари и премии и на бившите фудбалери кои лани напишаа историја со пласманот во Лига Европа.
Во меѓувреме, фудбалерите добија нови ветувања за платите, но од сето тоа засега добија само „ситен аванс“. Најновото е дека сега, според одредени информации, повторно има верување за брза исплата, која во случајот со Барсегјан е „трка со времето“ за да се одблокира процесот за издавање на работна дозвола. Ако до петок Вардар ги подмири долговите, најавите се дека можно е по итна постапка Барсегјан да добие работна дозвола и да биде во конкуренција за настап на мечот со Шкендија.
Покрај Барсегјан по работна дозвола е и рускиот напаѓач Максим Максимов, чија форма е повеќе од очајна, па неговото неиграње и нема толку да се почувствува во таборот на Вардар, како што би било евентуалното отсуство на Барсегјан. Последните два меча ги пропушти и Евгениј Новак, наводно поради повреда, иако кулоарски се шпекулира дека сето тоа е поради незадоволството од неисплатените плати.