Уште еден вардарец во Тирана: Матеј Цветановски пред потпис со албанскиот првак?
Тирана од поодамна е заинтересирана за да го земе Цветановски, кој практично е слободен играч и бесплатно би дошол во Албанија, па според последните најави многу близу е конечниот договор на албанскиот клуб и младото крило, со што тој ќе им се придружи на доскорешните соиграчи од Вардар, Кристијан Тошевски и Филип Најдовски, кои летоска заминаа во овој клуб откако се распадна шампионскиот состав на црвено-црните.
Тирана веќе го договори и македонскиот репрезентативец Ферхан Хасани, кој за 150.000 евра годишна плата доаѓа во клубот, откако неодамна му заврши договорот со фински Хелсинки. Албански медиуми веќе го најавуваат Цветановски како член на првите 11 во продолжението на сезоната, што е најава дека слободниот трансфер е скоро пред реализација и официјализација.
Заминувањето на Цветановски е само едно во низата од егзодусот на вардарци, откако најтрофејниот македонски клуб е задушен од милионскиот долг, а веќе клубот го напушти тренерот Александар Васоски, а во најава е заминување и на капитенот Дарко Мицевски (повторно се шпекулира со Борац Бања Лука во БиХ), како и на Јован Попзлатанов, чиј договор е веќе завршен. Странците Маратинга и Чарлстон веќе си заминаа, а во најава е и дел од големите надежи на клубот да се преселат во Струмица во Академија Пандев, кај својот доскорешен шеф.