Судиите се прават слепи при здрави очи: Офсајдот што му го свирнаа на Вардар е – криминален! (ФОТО+ВИДЕО)

Судењето во македонската фудбалска Прва лига сезонава е толку ужасно, што воопшто и не чуди што нема коло од досегашните осум кои се одиграа, а некој македонски клуб да не се пожали дека е сериозно оштетен од арбитрите, а дека судиите сезонава се прават „слепи“ и на очигледни ситуации најдобар доказ е моментот од „ел класико“ во Битола, помеѓу Пелистер и Вардар.

Вардар остана без победа во 94-та минута со автоголот на Чарлстон и испушти победа, откако со гол на Матеј Цветановски поведе по пола час игра, но младото вардарово крило кој играше денеска како центаршут имаше во 59 минута неверојатен зицер, кој судиите му го поништија поради офсајд. А, од офсајд во ситуацијата нема ни О.

Дербито го судеше најдобриот македонски арбитар Александар Ставрев, ни тоа нешто не помогна, а неговиот втор помошник Гоце Петрески иако имаше чиста ситуација пред себе, а еден од дефанзивците беше еден метар поблизу до голот во однос на Цветановски во акцијата, си го крена знаменцето без око да му трепне. Само како потврда за мизеријата од арбитража во прволигашката конкуренција.

Пред неполн месец во дербито на Арената, кога Вардар го пречека Шкупи, помошник на Константин Влахо не ни го крена снаменцето за очигледен офсајд од пет метри на „чаирчанецот“ Дембо Дарбо, само како илустрација дека сезонава судиите се прават слепи при здрави очи.

ФФМ како по обичај на секој кикс на судиите си молчи и си свирка, па си ја турка прволигашката агенда како што им е по воља. Од поодамна имаше иницијатива за воведување на ВАР во македонската лига, ама за вакви ситуации кои се очигледни и чисти како солза, видео-технологија не е потребна ако судиите гледаат како што требаат, а не да се глупираат.