Станиќ: За Работнички секој меч до крајот е финале!

Горан Станиќ има одличен старт на клупата на Работнички, тој е задоволен од досега прикажаното, но не дозволува опуштање до крајот на сезоната.

Станиќ на клупата на Работнички дојде на местото од Седлоски и на три меча успеа да забележи две победи и едно реми. Романтичарите избегаа подалеку од местата кои водат во втората лига, но тренерот не остава ништо на случајот, бара максимална посветеност од своите фудбалери до крајот.

„Задоволен сум од победата над Брегалница и од изданието на тимот. Фудбалерите во целост го исполнија планот што го имавме за овој натпревар и најважно е што на крајот ја реализиравме нашата цел. Тоа што го работиме во овој краток период откако го преземав сениорскиот состав дава резултати, ќе продолжиме да работиме напорно и да ги отстрануваме грешките кои се појавуваат. Два натпревари сме без примен гол, успеавме да освоиме седум бода на последните три натпревари и видливо е дека овој тим може да функционира и уште подобро. Ништо не е завршено, секој нареден меч за нас е финале и така и ќе се однесуваме сѐ до крајот на првенството. Веќе сме фокусирани кон следниот противник, Македонија ЃП“, вели Станиќ.