„Слободан Крстевски да го остави Вардар на некој што ќе знае да го води!“

Фудбалерите на најтрофејниот македонски клуб Вардар, кои на сите маки останаа обединети и како никогаш досега гинат за црвено-црниот дрес во обид да го вратат најголемиот македонски бренд во Првата лига, со драматично соопштение побараа газдата Слободан Крстевски да го предаде клубот на некој што ќе знае да го води.

Крстевски го презема Вардар уште во летото 2021 година, со силни ветувања, но не исполни ама баш ништо, па засега ги држи само силната волја на фудбалерите, инаетот и големата обединетост на соблекувалната.

Во ек на страшна беспарица, фудбалерите сами го спасуваат клубот и засега на сите тие маки одлично им оди, зашто Вардар е прв со четири бода предност пред засега вториот Гостивар.

Вардаровите фудбалери во барањето за Крстевски да си замине откриваат дека сами ги плаќаат патувањата за мечевите, навивачите Комити ги плаќаат трошоците за домашните мечеви, преку пријателски врски договараат јадење на денот на мечот, а најстрашното од сѐ е што капитенот Дарко Мицевски сам си ја плати операцијата на скочниот зглоб поради која не може да им помогне на соиграчите безмалку до крајот на сезоната.

Целото драматично соопштение на вардаровите фудбалери ви го пренесуваме во целост

„Соочувајќи се со веројатно најтешките моменти во историјата на клубот, ние играчите на ФК Вардар сакаме да ја известиме и да и ги доближиме на јавноста сите моменти кои ги преживуваме периодов, истовремено константно замајувани и залажувани со разни ветувања од кои ниту едно не е исполнето и покрај нашето професионално залагање на теренот каде со вонсериски напори достојно го презентираме името на најголемиот спортски бренд во Македонија.

Сакаме да известиме дека ние играчите, стручниот штаб, спортскиот директор Александар Бајевски, персоналот на клубот и навивачката група Комити сме буквално оставени самите на себе да ја биеме битката за враќање на Вардар во Првата лига. Од основни работи како закуп на стадион за натпревари кој ги покрива навивачката група, ручек пред натпревари кои ги обезбедуваме благодарение на пријатели сопстевеници на ресторани, самостојно собирање сопствени средства за закуп на автобуси за гостувања, перење на опремата, преку пријатели обезбедување опрема за тренинг и води за нормално функционирање и одржување на истиот.

Со лични заложби на еден играч е обезбеден и теренот за тренинг во населбата Кадино. Хируршката интервенција капитенот Дарко Мицевски ја плати од сопствени средства, додека голем дел од играчите немаат земено плата дури и по 10-12 месеци со што се донесени речиси на работ на егзистенцијата.

Ние играчите на ФК Вардар бараме сопственикот на клубот Слободан Крстевски доколку не е способен да го води клубот и навреме да ги исполнува договорените обврски, да го напушти и да го препушти раководењето на друг. Тажно е што мораме на овој начин да реагираме и да ја известиме јавноста со што се соочуваме додека истовремено ја водиме можеби и најважната битка во историјата на клубот. Со надеж и верба дека ќе проработи разумот и веднаш ќе се најде решение со кое несметано би продолжиле достојно и успешно да го презентираме Вардар, бренд кој тежи 12 шампионски титули и единствен учесник од државата во групната фаза на европските натпреварувања“, велат вардарци.