Сѐ освен драконска казна за Шкендија ќе биде - преседан! (ФОТО)

Скандалозната прослава на фудбалерите на Шкендија по победата против својот најголем ривал Вардар вчера на Националната Арена „Филип Втори“ кога пееја „Ајде Вардар пуши ми го к...“ предизвика бурни реакции кај македонската јавност, а Шкендија може да се соочи со сериозна казна ако некој воопшто собере сила и реши да го испочитува дисциолинскиот правилник на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ).

Во дисциплинскиот правилник на ФФМ строго е посочено дека секој облик на навреда, презир и дискриминација е казниво дело, па Шкендија треба да биде остро казнета и тоа парично со 5.000 евра, но и одземање на најмалку три бода во случај ако повеќе фудбалери неспортски се однесувале пред, за време и по натпреварот. Патем фудбалер кој е иницијатор на ова треба да биде казнет со пет меча суспензија, а функционер до два месеци забрана за вршење на должност во фудбалот.

Во членот 36 од дисциплинскиот правилник пишува дека „секој што пред, за време или по натпреварот се однесува дискриминаторски, омаловажувачки, деградирачки по секоја основа (пол, раса, боја, јазик, религија, етничко потекло) или врши друг вид на презир кон противничкиот клуб, судијата... се казнува според правилникот според кој се забранети секоја идеолошка, политичка или верска пропаганда. Во четвртата алинеа од овој правилник посебно е нагласено дека ќе се казни секој играч, официјален претставник, функционер или друго службено лице, заедно со клубот за сторен прекршок.

Навредите „Ајде Вардар пуши ми го к...“ се доволни за да се поведе дисциплинска постапка против тетовскиот клуб, кој е на еден бод до освојување на шампионската титула и веќе в недела може против Шкупи да ја прослави својата втора круна во историјата. Ако би се отворил случај против тетовци тогаш според дисциплинскиот правилник би требало да бидат – дебело казнети!

Така, според членот 39 во дисциплинскиот правилник стои дека „секој клуб чиј играч или претставник ќе го прекрши членот 36 се казнува парично со – 5.000 евра. Но, ако сторители на овој прекршок се повеќе играчи или службени лица или има други отежнителни околности, клубот се казнува со минус три бода (ако е прв случај) или одземање на шест бода (ако делото се повторило вторпат). Плус, играчот кој сторил прекршок по основ на презир, дискриминација или друг облик на навреда се казнува најмалку со пет средби забрана за настап, а секој функционер или службено лице се казнува со два месеци суспензија и забрана за секаква фудбалска активност и присуство на стадион.

Повеќе од јасно е дека делегатот и ФФМ нема да поведат дисциплинска постапка против Шкендија за навредливото однесување на фудбалерите при прославата во соблекувалната, иако според членот 36 најстрого се забранува секој облик на дискриминација и презир. Но, сето ова не значи дека Шкендија не би можела да биде казнета, затоа што случајот може да го пријави и трето лице, во случајов Вардар или некој друг клуб.

Исто така за време на прославата на победата против големиот ривал на „Филип Втори“ во соблекувалната на тетовци беше искршена една од масите, за која според информациите, раководствата на Шкендија и на Вардар веќе се договориле дека тетовци ќе ја платат штетата што е направена.

Во прилог се членовите од дисциплинскиот правилник според кои Шкендија е печена за казна во делот за „неспортско, дискриминаторско однесување и презир“.