Шкендија се откажува од титулата – ги брка сите ѕвезди од тимот!?

Актуелниот македонски шампион Шкендија зимава ќе направи тотална чистка во својот тим и буквално ќе ги избрка сите големи и прескапо платени ѕвезди, откако тетовскиот клуб имаше мизерна летна европска авантура, а веќе има двоцифрена негатива од 12 бода во однос на најголемиот ривал Вардар, дознава „Спорт 1“. Ова практично значи дека тетовци полека се откажуваат од трката за шампионската титула.

Првакот, кој две години доминантно стигна до шампионските титули, а трипати играше плејоф за пласман во Лига Европа од своите редови ќе ги „избрка“ Агим Ибраими, Бесарт Ибраими, најавеното суперзасилување Фелипе, клубот патем ќе го напушти и репрезентативецот Егзон Бејтулаи на кого му завршува договорот, а веројатно ќе си замине и Марјан Радески, но и уште неколкумина фудбалери (кулоарите шпекулираат дека осуммина ќе си одат). Ваквите претумбации под Шара се најава за „откажување“ од трката за титулата во Македонија, со оглед дека ќе остане просечен тим во однос на супермоќниот на хартија, кој требаше во најслабата сезона по квалитет во последната деценија да се прошета до тронот.

Според информациите до кои дојде „Спорт 1“, причина за големата чистка лежи во намалувањето на инвестициите на моќниот спонзор „Еколог“ во клубот, па на фудбалските ѕвезди во Тетово им било понудено ако сакаат да останат, да играат со преполовени договори во однос на актуелните што ги имаат. Сето тоа фудбалерите го одбиле и практично приказната за некаков моќен тим на Шкендија тука и завршуваат.

Газдата Лазим Дестани донел одлука да го преполови (пре)големиот буџет кој го имаше досега клубот и повеќе да не се расфрла со пари во лига во која само кај тетовци платите се три до пет пати поголеми во однос на останатите прволигашки ривали.

Бразилецот Фелипе веќе прифатил 50.000 евра од раководството на клубот за да ја прекине соработката и со тоа на зима да стане слободен играч, па да замине во Јужна Кореја, каде најверојатно ќе ја продолжи соработката. Фелипе се покажа како тотална утка на тетовци, иако дојде како големо засилување, не одигра буквално ништо и досега даде само два гола (по еден во купот и во првенството), но најчесто беше резерва. Фелипе повеќе нема да игра за Шкендија, а до завршувањето на есенскиот дел ќе може само да тренира и да ја одржува формата.

Слични отштети би требало да добие и двоецот Ибраими за да се раскинат актуелните договори, иако Шкендија со богати договори имаше поинаков план. Доаѓањето на Агим во Тетово беше најавено како надоградување на гигантскиот проект, непосредно откако Бесарт потпиша нов договор и тие двајца требаше да газат по македонските терени, но ефектот и резултатите не се ни приближно до високите очекувања на навивачите, но и раководството. Сега и двајцата ќе може да си бараат нови ангамани зашто не прифатиле да играат за многу помали плати во однос на примањата досега.

Заминувањето на Бејтулаи е дополнителен удар, откако репрезентативниот дефанзивец не прифатил нова соработка, па сега во јануари може слободно да си оди. Патем, летово клубот го напушти Висар Муслиу, исто така репрезентатвен дефанзивец, а во клубот не се врати ниту Ферхан Хасани, првата ѕвезда на тетовскиот клуб, иако цело лето беше најавуван како супер-засилување и спасител (Хасани потпиша за фински Хелсинки).

Шкендија веќе има две засилувања и тоа во Самир Фазли, кој пет месеци откако си замина од Тетово се врати во тимот како засилување за нападот, а купен за од јануари е и дефанзивецот Ардин Далку, бивш фудбалер на украинска Ворскла. Самото враќање на Фазли во ситуација кога Шкендија е преполна во нападот со двоецот Ибраими, Радески, Жуниор е потврда за „реконструкцијата“ на шампионскиот тим.

Дека има проблем кај Шкендија сериозен показател беше последниот финансиски извештај на клубот во кој тетовци пријавија загуба за 2018 година од 300 илјади евра, иако имаа добра европска авантура и за малку (два промашени пенали) не влегоа во групите во Лига Европа лани. Но, тоа што многу повеќе загрижуваше беа приходите од спонзорства и донации, кои за трипати беа намалени во однос на годината претходно, па сето тоа очигледно беше алармот за тоа што сега се случува, особено после мизеријата во Европа и катастрофалните резултати во домашната елита, во која главниот спонзор нема намера да дава премногу пари за ништо.

Дестани во Шкендија влезе пола година откако Вардар го презема рускиот бизнисмен Сергеј Самсоненко и оттогаш почна сериозното големо ривалство на двата клуба и доминацијата на црвено-црните табори, кои ги освоија петте последни шампионски титули. Дестани со ангажманот на Радески од Металург тогаш постави македонски трансфер-рекорд со купвањето за 150 илјади евра, како одговор на трансферот на Дарко Велковски од Работнички во Вардар. Од доаѓањето на Дестани, во Шкендија беа инвестирани многу милиони евра, но дури после историскиот успех на скопските црвено-црни и настапот во групната фаза во Лига Европа, Шкендија исплива на површина користеќи ја финансиската криза на најтрофејниот клуб и проблемите во кои западнаа вардарци преку ноќ од јануари лани.