Сејдини - единствен кандидат за претседател на ФФМ!

Муамед Сејдини, вршителот на должноста претседател на Фудбалската федерација на Македонија, вечерва е предложен за кандидат за нов претседател на најбогатата спортска федерација од страна на ОФС Кичево.

Сејдини многу веројатно ќе биде единствениот канидадат за наследник на Илчо Ѓорѓиоски на Изборното собрание на ФФМ кое треба да се одржи за еден месец, а за кое до утре како краен требаше да се предложат сите кандидати. За утре останува одржувањето уште на Собранието на ОФС Велес, но оттаму речиси неверојатни се шансите да истакнат свој кандидат, зашто тоа може да биде само Лазар Ракиџиев, кој е актуелен член на УО на ФФМ.

Влатко Костов како главен адут на опозицијата денеска изјави дека нема да се кандидира, затоа што не сака да учествува во игра во која однапред се знае поведникот.

„Ништо од порано не е изменето, освен што се оддолжува со изборот. Не можам да се пријавам на истата комисија која првпат ја одби мојата пријава, иако беше легална и според прописите. Не сакам да учествувам во една таква игра, која однапред се знае како ќе заврши. Само професионален избор и професионализација на ФФМ, со еднаков третман на сите членки, може да ги реши проблемите. Во една ваква ситуација, кога фудбалската организација е расцепкана и разидинета, кога довербата во неа е загубена, во еден таков натпревар не сакам да учествувам“, рече Костов.