Седлоски: Против Санта Клара ќе одиграме фајтерски, ама одговорно и претпазливо!

Екипата на Шкупи, утре, на Арената „Тодор Проески“ во Скопје, ќе го пречека португалскиот тим Санта Класа во првиот меч од 2. квалификациско коло од Конференциската лига, во меч во кој најавува дека ќе одигра агресивно, но истовремено и одговорно и претпазливо.

Тренерот на чаирчани, Гоце Седлоски, верува дека неговите фудбалери се подготвени за предизвикот што е пред нив.

„Сакаме добар натпревар, во кој би ги израдувале нашите навивачи со победа. Противникот игра брз и агресивен фудбал, но и ние имаме свои адути. Ова е само прв меч во кој иако ќе одиграме фајтерски, сепак, ќе мора бидеме одговорни и претпазливи, бидејќи нѐ чекаат и 90 минути на теренот на противникот. Санта Клара има одлични индивидуалци, но резултатот ќе зависи и од нашата игра. Мора да бидеме подобри од претходните дуели на европската сцена и момците се свесни за тоа. Знаеме да одиграме офанзивно, така ќе биде и утре, иако се зависи и од тоа колку ќе ни дозволи противникот“, изјави Седлоски на денешната прес-конференција.

Шкупи во првото коло го елиминира косовски Љапи, а реваншот од втората рунда се игра за една недела во Португалија.