Само за Вардар нема пари: Самсоненко стана главен спонзор и на Купот на Русија

Додека најтрофејниот македонски клуб Вардар е доведен на раб буквално да згасне, натоварен со милионски долгови во повеќе од шест години владение на Сергеј Самсоненко, рускиот бизнисмен очигледно пари нема само за црвено-црните, зашто од вчера неговата обложувачница „Бет Сити“ стана главен спонзор и на рускиот Куп.

Руската федерација и Самсоненко со „Бет Сити“ потпишаа договор за соработка до 2023 година, со опција да се продолжи истата, а за Самсоненко ова е трето вакво спонзорство, зашто од поодамна беше влезен како спонзор на гигантот ЦСКА Москва, а од лани и во францускиот гигант Монако, кој е сопственост на рускиот олигарх Дмитри Риболовљев.

„Да се биде главен спонзор на рускиот Куп е голема можност за 'Бет Сити' да ги реализира големите амбиции и да го популаризира рускиот спорт и да го поддржи домашниот фудбал. Заедно со нашите партнери, планираме рускиот Куп да го донесеме на едно ново ниво, како посебно натпреварување кое ќе привлече големо внимание кај навивачите. Убедени сме дека ќе направиме ексклузивна атмосфера на мечевите на 'Бет Сити Купот на Русија' и на милиони навивачи ќе им овозможиме единствено уживање и посебни емоции“, вели Самсоненко.

Покрај спонзорствата во фудбалот, компанијата на рускиот бизнисмен е спонзор и на кошаркарскиот клуб Локомотив, а спонзорира и во 30 други руски спортски федерации. Компанијата е формирана во 2003 година, а до 2017 година, имапе обложувачници во Макеоднија, кои потоа беа затворени.

Останува нејасно како Самсоненко единствено нема пари за Вардар, за да ги подмири долговите што во неговото владение се направени, а се пречка за клубот да се врати на град Скопје, според договорот со кој го презема најтрофејниот наш клуб во јануари 2014 година. Според договорот, Самсоненко во Вардар требаше да инвестира минумим по 1,5 милиони евра годишно, а бидејќи го зема со чиста сметка, така треба и да го врати. Но, наместо тоа, клубот веќе стигнал до скоро четири милиони долг, а кулоарите посочуваат дека дел од долгувањата Самсоненко не ги признава.

Рускиот бизнисмен од 2018 година откако Вардар западна во криза трипати најавуваше заминување од Вардар, а последното преку соопштение е од 15 мај годинава. Неодамна тој на фудбалерите од актуелниот погон им соопштил дека се слободни и дека нема пари, што наиде на разочарување кај сите во клубот, а потоа играчите заедничи посочија дека ги разочарал и ги оставил на цедило, после двегодишни постојани ветувања дека ќе се среди ситуацијата.

Поради ова, Вардар сега е на раб на пропаст и навивачите се молат дека некој ќе го спаси клубот, за кој има интерес од две страни, преку Бугаринот Благој Георгиев и германска компанија чиј посредник е Саша Ќириќ, иако како одминуваат деновите повеќе е исвесно дека Вардар во новата сезона ќе се срами со младинско-кадетски тим како во 2010/11, одошто навистина ќе се спаси и ќе има повторно силен и конкурентен тим со други амбициозни газди.

Самсоненко беше спонзор и на РК Вардар со кој освои две европски титули, по што летово се повлече од клубот и му го врати на претходниот газда Михајло Михајловски.