Пелистер се враќа во сопственост на општина Битола и тргна со подготовките

Битолската гордост Пелистер, кој есеноска освои само шест бода и не победи во ниту еден од 18-те меча, па со една нога е веќе во Втората лига се враќа во комплетна стоотстотна сопственост на општина Битола, со цел да се спаси клубот од тотална хаварија.

Градоначалникот на Битола, Тони Коњановски заедно со директорот на јавното претпријатие Водовод, Пеце Милевски денеска беа на стартот на подготовките на битолскиот тим, по што градоначалникот ветил дека ќе даде комплетна поддршка на управата за стабилизација и санирање на долговите и заостанатите обврски со цел пролетва Пелистер да биде поконкурентен и да се обиде да се избори за спас на сезоната.

Битолчани се полуфиналисти во Купот на Македонија, но допрва треба екипата да се консолидира и да се направи тим кој ќе може да биде конкурентен со ривалите, откако есеноска без подготвителен меч влегоа во сезоната и успеаа само шестпати да ремизираат.