
Панчев: Преодниот рок за Вардар заврши!
Вардар донесе пет млади фудбалери од шестмината што пристигнаа во црвено-црниот табор, а само Мустафа Куајнор (22) од Гана ќе оди на едногодишен заем во битолски Пелистер, додека останатите ќе конкурираат за мечевите на трите фронта – во Купот, првенството и во групната фаза во Лига Европа.
„Преодниот рок за Вардар официјално заврши. Пополнети сме на сите позиции, квотата за странци исто така е пополнета и сè друго што ќе се појави како информација е чиста шпекулација. Сè до јануари, Вардар има пополнет состав и сега сите ние сме сконцентрирани на работа и на настапите на трите фронта, за што подобро да се претставиме. Од јануари може да зборуваме за нови имиња“, вели Дарко Панчев, спортскиот директор на црвено-црните.
Вардар во своите редови летово ги донесе Висар Муслиу од тетовска Ренова, Бесир Исени од градскиот ривал Шкупи, Максим Максимов (21) од литвански Тракаи, Бразилецот Итало од Сао Паоло и Вања Марковиќ (22) од Корона Кјелце, додека Мустафа Куајнор ќе оди на заем во Пелистер. Од тимот што успеа да стигне до историскиот пласман заминаа двајца репрезентативци, македонскиот репрезентативец Стефан Спировски (Ференцварош) и црногорскиот Дамир Којашевиќ, како и напаѓачот Џонатан Балотели.
Фактот дека во клубот се носат млади имиња, во кои веќе од поодамна има уште неколкумина млади играчи (Бобан Николов, Дарко Велковски, Бесир Демири, Петар Петковски), Вардар сака да направи тим во кој спојот на младоста и искуството (по)долго ќе игра заедно и во следните години црвено-црните уште неколку пати да направат голем исчекор кон Европа.
„Ангажманот на млади фудбалери и долги договори е со цел да ги задржиме сите на куп и долгорочниот план е да имаме тим што во иднина ќе игра заедно и ќе може да очекуваме нови добри резултати“, додава Панчев.
Вардарци по репрезентативната пауза ги чека исклучително набиен распоред среда-недела, најмногу и поради историскиот и дебитантски настап во групната фаза во Лига Европа. Црвено-црните денеска го играат првиот меч со Локомотива со комбиниран тим во шеснаестинафиналето во Купот на Македонија, а на 14 септември е првиот меч со Зенит на Националната Арена „Филип Втори“.