Панчев: Не го земавме Максимов за три месеци, го земавме да игра четири години во Вардар
Вардар ја активираше откупната клаузула од 50.000 евра за Максимов, бидејќи Тракаи сакаше да направи проблем за трансферот. Но, УЕФА не ја прифати регистрацијата во завршните денови за пријавување на играчи за Лига Европа, па сега црвено-црните ќе мора без своето најголемо засилување да играат во деби сезоната во мечевите со Зенит, Реал Сосиедад и Розенборг. Сега Вардар ја чека документацијата од УЕФА за да го регистрира во ФФМ и тренерот Чедомир Јаневски да има уште поголем избор на играчи за нападот во трката за нова шампионска титула и пехар во Купот.
„Не го земавме Максимов за три месеци да игра во Европа, ние го донесовме Русинот да игра четири години во Вардар. Чекаме од УЕФА дозвола за да го регистрираме за домашното првенство и за Купот“, вели Панчев.
Максимов даде седум гола во шест меча во квалификациите за Лига Европа, а со Вардар официјално потпиша на последниот ден од преодниот рок на 31 август.
Вардар задутре ќе го одигра својот прволигашки меч со Силекс на Националната Арена „Филип Втори“, по што в четврток ќе го има дебито против руски Зенит во групата од Лига Европа.