Николов во Видеотон заминува за трансфер од – 100.000 евра!
Николов заминува во Унгарија, исто како и неговиот колега од средниот ред Спировски, на шест месеци пред завршување на договорот со црвено-црните. Николов заминува од Вардар барајќи нов предизвик и откако одбил да ја продолжи соработката со вардарци, исто како што направи и Спировски летоска по победата во Истанбул и заверувањето на историскиот пласман во Лига Европа.
Според најавите, Вардар за трансферот на Николов во Видеотон ќе добие обесштетување од 100.000 евра, што е премалку за овој фудбалер, но од друга страна и реална цена со оглед дека има само уште шест месеци од актуелниот договор. Инаку Николов на трансфер пазарот има цена од 600.000 евра.
Поранешниот младински репрезентативец, членот на „златната генерација“ која летоска играше на Евро 2017 во Полска, е стандарден сениорски репрезнтативец, а тој во Вардар дојде во 2015 година и по три сезони сега заминува по нов предизвик. Инаку пред да дојде во Вардар, тој три години играше во Виторул Костанца, откако во Романија ја мина академијата на Георге Хаџи.
Тренер на Видеотон е Србинот Марко Николиќ, поранешен кормилар на Партизан, на чие барање оди Николов во Унгарија. Видеотон е второпласиран по есенскиот дел, па Николов го очекува сериозна битка против својот репрезентативен колега Стефан Спировски кој со Ференцварош ја освоија есенската титула.