Македонскиот шампион за титулата ќе биде „награден“ со – 775 илјади евра!
Голема награда со самата шампионска титула му следува на идниот македонски првак и тоа не е награда која ќе ја исплати ФФМ, туку Европската фудбалска унија (УЕФА) и е за 225 илјади евра поголема од наградата за самото учество што досега ја добиваа македонските шампиони. Ова доаѓа од идната година, затоа што има комплетни реформи во квалификациите за двете европски натпреварувања.
Досега македонскиот шампион играше квалификации за Лигата на шампионите, почнувајќи од второто коло и тогаш имаа загарантирани половина милион евра (550 илјади едва) во случај експресно да испаднат. Сега, идниот македонски шампион ќе добие шанса за поправен, ако биде елиминиран од ЛШ во првото коло, да игра во следното коло во квалификациите за Лига Европа, во случајот во втората квалификациска рунда, што би значело дополнителни 225 илјади евра на контото.
Вардар годинава направи историски успех и стигна до групите во Лига Европа преку три квалификациски рунди. Го мина Малме (3-1, 1-1), потоа испадна од Копенхаген (1-0, 1-4), за во плејофот за Лига Европа да го победи двапати Фенербахче (2-0, 2-1). Е сега, за пласман во групна фаза, патот е потежок, затоа што има повеќе рунди за играње, во квалификациите за ЛШ се четири, а ако биде елиминиран во некоја од тие на патот до мултимилионската елита, поправните испити би биле во најмногу три квалификациски рунди во Лига Европа (ако испадне во прво коло во ЛШ, игра второ во ЛЕ, ако испадне во второ во ЛШ игра во трето во ЛЕ за да стигне до четвртото плеј-оф коло).
Поголем проблем е што промените во квалификациите донесоа многу потежок пат во квалификации за ЛШ, затоа што во групата на шампиони ќе бидат и прваците на Холандија, Турција, Чешка, Швајцарија, Грција, од кои дел од нив досега или имаа директен пласман, или има претставник во нешампионската група. Плус, бројот на гарантирани учесници од помалите земји (шампионска група) е намален на четири места.
Инаку премиите за учество во европските купови остануваат исти, па во ЛШ прво квалификациско коло вреди 220.000 евра, второ коло – 320.000, трето коло – 420.000, а плејофот – три милиони евра. Во Лига Европа, првото квалификациско коло вреди 215 илјади евра, второто – 225 илјади евра, третото – 235.000, а ппејофот – 245 илјади евра.
Шкендија летово за учеството во квалификациите за Лига Европа и патот до плејофот (испадна од Милан) заработи речиси еден милион евра, Работнички за две кола 450.000 евра, Пелистер – 215 илјади евра. Македонскиот првак Вардар, пак, со пласманот во групната фаза има 3,6 милиони евра (еден милион од квалификациите за ЛШ, а 2,6 милиони за пласманот во Лига Европа), плус заработи и 120 илјади евра од бодот со Розенборг и допрва ќе добие дел од колачот за ТВ-права и маркетинг.