Махерите за социјални мрежи од Осогово останаа без тренерот Андов!

Македонскиот второлигаш Осогово после четири кола во новата сезона сè уште немаат освоено бод, па утрово го сменија тренерот Александар Андов и ја раскинаа соработката со младиот и перспективен тренер.

Кочанци, кои се махери за социјални мрежи имаат ужасен старт во источната група во Втората лига, па се последни на табелата откако во минатата сезона успеаа да се вратат во второлигашката конкуренција, но почетокот не е како што посакуваа, па после слабите резултати очекувана е и смената на тренерот.

Андов го предводеше Осогово во минатата сезона во Третата лига и успеа да го врати Осогово после една година повторно во второлигашката конкуренција. До назначување на нов кормилар, Осогово ќе го води како привремено решение помошникот Кире Георгиев.

„Раководството на ГФК Осогово и тренерот на првиот тим Александар Андов ја раскинаа досегашната соработката откако досегашниот тренер на тимот си поднесе оставка поради слабиот старт на сезоната по првите 4 кола.

Младиот и перспективен тренер Александар Андов ја предводеше екипата и претходната сезона во која постигна задоволителен резултат и со нашиот тим успеа да се пласира од трета во втора лига исток, но после 4 порази едно по друго во почетокот на сезоната во 2 МФЛ исток, доблест на секој голем тренер и човек е да ги сноси последиците од негативниот период на тимот и тоа е најдобро прифатливо решение за двете страни.

Клубот и раководството на ГФК Осогово му се заблагодаруваат на тренерот Андов за досегашната работа и му посакува успех во животот и кариерата на спортски план. Вратите на клубот и стадионот Никола Мантов ќе бидат секогаш отворени за него и во иднина со цел: соработка и јакнење на заеднички интереси во спортска и професионална перспектива“, се вели во соопштението на кочанци.