Луѓето што ги испаднаа Силекс и Беласица ќе го спасуваат Вардар!

Доскорешниот кормилар на Силекс, Горан Симов ќе биде нов тренер на најтрофејниот македонски клуб Вардар во проектот за „спас“ на црвено-црните, откако досегашниот газда на струмичка Беласица треба да го преземе раководењето на клубот, после катастрофата што ја доживеа скопската гордост со испаѓањето во Втората лига.

Според информациите, денеска треба да биде познато буквално сѐ, откако е постигнат договор на бившите газди на Беласица, која исто така испадна во понизок ранг со градот Скопје и со досегашниот газда на црвено-црните Сергеј Самсоненко за промена на раководната структура на клубот, по што Симов, кој изминатава сезона ги водеше кратовци со трофејот во Купот, но ги испадна во второлигашката конкуренција треба да седне на клупата на црвено-црните.

Во раководните структури на Вардар се враќа и поранешниот претседател Бојан Захариев, човекот кој кратко пред повеќе од една деценија беше дел од црвено-црните, кога почна да пропаѓа клубот по што кулминација на комплетното фијаско беше испаѓањето од Првата лига, но потоа со фузијата со Миравци, скопскиот гигант остана прволигаш

На Симов помошници остануваат да му бидат Златко Таневски и Филип Ивановски, додека неизвесно е дали Филип Илиќ или Слободан Мутибариќ ќе биде тренер на голманите. Според најавите, десетина фудбалери од погонот кој беше во изминатата сезона меѓу кои и најискусните Дејан Блажевски и Филип Петковски ќе останат дел од скопскиот тим, а во најава се низа засилувања, меѓу кои и варадровите деца Оливер Пеев и Филип Петров, синот на легендарниот член од шампионската генерација од 1987 година, Мирко Петров.