Куп на Македонија: Шкендија во Гостивар бара излез од длабоката криза

Актуелниот македонски првак и поранешен освојувач на Купот на Македонија, Шкендија денеска (17 часот) ја има шансата да излезе од длабоката криза започната со елиминациите зза две недели од Европа, а продолжена со два порази без постигнат гол во новата прволигашка сезона, со гостувањето кај второлигашот Гостивар во првата рунда од Купот.

Тетовци немаат избор освен кај незгодниот Гостивар да победат и со тоа да се вратат на победничкиот колосек, особено што сензационално делуваат воведните два порази без даден гол во Првата лига за состав кој е преполн со „ѕвезди“ и барем на хартија двојно поквалитетен од останатите екипи во македонскиот фудбал. Шкендија сезонава сѐ уште нема дадено гол од игра, почнувајќи од четирите европски мечеви, преку двата прволигашки или цели девет часа фудбал (вкупно 540 минути).

Бившите шампиони Работнички и Ренова ќе имаат доста незгодни гостувања кај Влазерими односно Кожув во оваа воведна куп-рунда, за разлика од останатите прволигаши кои барем на хартија имаат полесни и помалку незгодни противници во оваа фаза. Многу возбудувања се очекува во Кочани, каде амбициозниот Осогово го пречекува поранешниот шампион Победа, која во минатата сезона испадна од прволигашката конкуренција.

Пласман во осминафиналето веќе обезбедија Пелистер со триумфот на пенали кај Кит Го (5-4, 1-1 во регуларниот дел), Тиквеш со триумфот над Љуботен (5-1) и Брегалница со неверојатните и рекордни 22-0 против Ново Црнилиште. Последниот патник во осминафиналето ќе биде познат идната среда, кога најтрофејниот македонски клуб Вардар ќе ѝ гостува на Каменица Саса, што како и во случајот со Шкендија, ќе биде шанса за црвено-црните по лошиот старт на сезоната првпат да победат и да ја вратат самодовербата за продолжението на сезоната.

ДВОЈКИ ЗА ШЕСНАЕСТИНА-ФИНАЛЕ ВО КУПОТ

Фортуна – Силекс

Охрид – Беласица

Кожув – Ренова

Кравари – Лабуништа

Тетекс – Шкупи

Локомотива – Струга Трим Љум

Влазерими – Работнички

Превалец – Борец

Осогово – Победа

Гостивар – Шкендија

Каменица Саса – Вардар ќе играат на 28 август

- пласман во осминафиналето веќе обезбедија Брегалница, Пелистер и Тиквеш

- слободни се екипите на Македонија ЃП и Академија Пандев