Јаневски: Вардар е клубот каде израснав, направив кариера и мило ми е што се враќам

По 28 години вардаровата легенда Чедомир Јаневски повторно е пред враќање во својот матичен клуб, со кого имаше ѕвездени моменти во 1987 година и беше незаменлива алка во шампионската генерација на црвено-црните. Поранешниот македонски селектор дојде денеска во Скопје на завршни преговори за да го наследи Гоце Седлоски на кормилото на клубот, откако доскорешниот тренер си поднесе оставка.

Јаневски попладнево допатува во Скопје и сега се очекува само официјализација на преземањето на тренерската палка кај шампионит

„Вардар е клубот во кој израснав, во кој направив кариера и тој беше таа отскочна даска за странство. Јас во Скопје сум играл во два клуба, Скопје и Вардар и сигурно убаво е да се вратиш во својот клуб. Расположение за соработка има од двете страни, но денеска ќе видиме што понатаму. Синоќа првпат ги остваривме контактите и еве денеска сум тука. Мило ми е што се враќам во Македонија“, ни изјави Чедомир Јаневски по слетувањето на скопскиот аеродром.

Јаневски замина од Вардар во 1989 година и во Македонија како тренер се врати пред пет години како селектор на националниот тим, но не ги заврши квалификациите. Замина недоискажан, иако под негова палка, македонскиот национален тим го играше најубавиот фудбал, а неговото доаѓање и игрите го вратија и навивачите на триините. Од Јаневски во Вардар сега се очекува да го препороди црвено-црниот тим по болната елиминација од Копенхаген со кој испадна од Лигата на шампионите и по поразот од Шкендија на стартот на новата прволигашка сезона.