Јаневски: Овој ритам среда-недела не е лесен, а кога имаш и повредени...

Втора тешка победа во низа запиша макеоднскиот шампион Вардар, откако во средата со многу мака стигна до победата против Ренова, а попладнево ја освои Битола во македонското „ел класико“ со триумфот со 1-0.

Вардаровиот кормилар Чедомир Јаневски е задоволен од изданието на играчите во првото полувреме во натпреварот со Пелистер и од победата на екипата, потенцирајќи дека секогаш е тешко да се освојат трите бода во Битола, но неговите избраници прашањето за победникот требале порано да го завршат.

„Драго ми е што сум повторно во Битола. Од овој град излегоа многу добри фудбалери, а со некој од нив и денеска сум голем пријател. Честитки за одличниот прием и добрата атмосфера. Имавме одличен терен за игра. Секогаш е тешко да се освојат три бода во Битола, особено што знаеме какво е ривалството помеѓу Пелистер и Вардар. Во првиот дел бевме доминатни и заслужено поведовме. Во вториот дел имавме малку проблем, Пелистер отиде на сè или ништо што се вели, отиде малку понапред и тука немавме решение во креирањето на нашата игра и не можевме да дојдеме во ситуација да играме како во првото полувреме. Но, имавме и многу простор во нападот и тој простор мораше да го искористиме и порано да го решиме победникот. Имавме и една убава шанса кога Барсегјан не успеа да реализира. Вака мораше да се бориме и да бидеме добро организирани до крајот на натпреварот. Овој ритам не е лесен за Вардар, играме натпревари среда - недела - среда. Имаме многу тешки натпревари, затоа и принудени сме да правиме многу ротации во составот. Проблем претставуваат и повредите на одредени играчи. Правиме напори што можеме да менуваме да изротираме за да имаме добри тимови за сите три фронта“, изјави Јаневски по победата во Битола.