„Играчите стоеја, голманот се тргна, публиката сакаше да ги тепа – срам ни е што бевме дел од овој меч!“

Трагикомедијата наречена второлигашки меч помеѓу Кожуф и Башкими, кој заврши со триумф на гостите (1-2) со гол постигнат во последните минути додека противничките играчи буквално се тргаат и дозволуваат топката да влезе во мрежата, продолжува да привлекува внимание на спортската јавност кај нас.

Спорт1.мк ексклузивно дојде до официјалниот извештај од овој натпревар во кој се гледа дека и судиската тројка предводена од меѓународниот судијата Игор Стојчевски забележала дека нешто не е во ред и сето тоа го нотирала во записникот.

„Увидовме на натпреварот дека нешто сомнително се случува, домашните играчи скоро сите почнаа да бараат принудна замена и сакаа да го напуштат теренот за игра. При скоро секоја акција на гостинската екипа, домашните играчи стоеја на теренот и не играа како што играа во првото полувреме. За волја на вистината, домашниот голман беше на висина на задачата се до последната акција, каде што застана заедно со целата домашна одбрана која не беше заинтересирана да го блокира гостинскиот напад и гостинската екипа постигна погодок. Вториот погодок беше постигнат во 93 минута и 12 секунда. На крајот од натпреварот домашната публика сакаше да влезе во теренот за игра и физички да се пресмета со играчите, но до тоа не дојде бидејќи пристигнаа два полицајци до играчите“, се вели во извештајот од најсрамниот меч во Македонија во последната деценија.

Тие на крајот и самите се дистанцираат од случувањата на теренот и потенцираат дека стојат на располагање за дополнителен извештај.

„Ние како меѓународни судии се срамиме што присуствувавме на ваков срамен натпревар“, завршуваат „луѓето во црно“.

Синоќа, веднаш по овој фудбалски циркус, со остра реакција се јавија предводниците на ФФМ најавувајќи детална истрага и жестоки казни за виновниците, додека министерот за спорт, Борко Ристовски, најави одземање на лиценците на двата клуба, ако се докаже дека имало нечесни игри.