
Градоначалничката Арсовска побара Вардар да се врати во сопственост на град Скопје!
Во безмалку едночасовната расправа на предлогот за финансиска помош на црвено-црните со цел да се закрпат дупки во сезонава поради беспарицата за да им се исплатата плати на фудбалерите, Арсовска побара системско трајно решение за Вардар и во идната 2023 година, Вардар пак да се врати во сопственост и под капата на градот Скопје.
Вардар во 2011 година беше сопственост на градот, а после две години потоа му беше предаден на сергеј Самсоненко, кој официјално ланското лето се откажа од клубот после неколку турбулентни години со беспарица, па сосе долгови го презема „Блус Скај Инвестмент“, но македонскиот великан остана заглавен во милионските долгови што му се наталожија во изминатиов период.
Поради ова, Арсовска посочи дека помошта од 250.000 евра не е ништо, туку за помош на Вардар побара комплетна ревизија на работењето, вклучување и на финансиската полиција и другите институции, со цел да се утврди комплетната фактичка состојба и да се изнајде начин како сè да се расчисти и црвено-црните да се вратат под капата на градот.
„Овој предлог е добар, ама е несериозен зашто за Вардар треба една сериозна анализа и пристап, односно да се најде трајно решение за Вардар. Мислам дека нема човек тука (во советот – н.з.) кој не сака да му помогне на Вардар, но таа фирма која го презема клубот со долговите, нема вратено ништо. Прво треба да се истражи сè со Вардар, да видиме што се случува таму. Долговите се во милиони, блокадите се огромни... Прашање е што ќе исполниме со ова? Треба да повикаме на акција, прво финансиска полиција и сите надлежни институции да влезат внатре, да видиме на кој начин се работи и што се реализира, да видиме што се случува со клубот, кои обврски се реализирани, зашто има блокади кои се во милиони и да најдеме трајно решение за да го спасиме Вардар од тоа што сега му се случува. Јас искрено мислам дека трајно решение задлужува не само Скопје, туку и Македонија. Сакам под итно да го спасиме Вардар, но мојата молба е да се заземеме сите и да најдеме решение за Вардар, а тоа е да се врати таму каде што припаѓа и каде што му е местото – во градот Скопје“, рече Арсовска.