Како Гостивар во вторите полувремиња се претвора во Реал Мадрид?

Македонскиот второлигаш Гостивар, кој е полн со искусни фудбалери е на пат да влезе во Првата лига и тоа после една година откако во пролетниот дел од ланската сезона се спаси во борбата за опстанок. Сезонава е единствен непоразен на „зелениот терен“ со 19 победи и седум ремија, а покус е за три бода поради случајот со грешната регистрација на Гордијан Христовски.

Во пролетниот дел на сезоната, Гостивар резултатски доминира - со осум победи и три ремија во досегашните 11 меча, па е моментно втор со 61 бод, позиција која му носи директен пласман во Првата лига.

Сепак има еден зачудувачки факт во нивната форма пролетва, зашто верувале или не, од осумте победи, дури шест им се обезбедени во – второто полувреме. Или со обложувачки речник, шест од осумте победи им се - „икс во кец“.

Меѓу нив и со ептен послаби екипи како Тетекс или Кожув, на кои во вториот дел им дадоа пет односно четири гола за убедливи триумфи. Исто така и на тешките гостувања кај Беласица и последново, со Арсими. Што ли се случува на полувремињата на натпреварите и како гостиварци нагло добиваат сила или пак ако сакате, како нивните противници одеднаш паѓаат со формата по првите 45 минути? 

Гостивар севкупно во овој втор дел од сезоната има 26 дадени голови, од кои само шест се во првиот дел, а победиле само на два меча кога дале гол во првиот дел. Со Локомотива за победа со 1-0 и со Слога Виница со три гола во првите 45 минути за победа со 5-0. Но, тој меч со Локомотива поради неправилен настап на Христовски скапо ги чинеше и загубија службено три бода со казна за неправилна регистрација, иако ФФМ прво го регистрираше мечот со победа за гостиварци, што само по себе е небулозно и контрадикторно.

Сите останати 20 гола од 26-те пролетва, Гостивар ги даде во вториот дел и тоа девет во првата половина од вторите 45 минути (до 67-та минута) и дури 11 во последната четвртина од мечот (од 68-та до 90-та плус судиското надополнување).

За екипа со фудбалери со пребогато искуство и од Првата лига, како голманот Велија, Емран Рамадани, Стојанчо Велинов, Симеон Христов, Антонио Каланоски, Фисник Зука, Ѓорѓи Танушев, Фахрудин Ѓурѓевиќ дури и чудно е што првите полувремиња ги играат подпросечно, а потоа во вториот дел се претвораат како да се Реал Мадрид.

Овој второлигаш до крајот на сезоната на мегдан излегува уште и со Охрид и Борец (дома), а гостува во Радовиш кај Детонит Плачковица и кај Караорман во Струга.

Со два бода пред Вардар и подобар меѓусебен скор (1-0, 0-0), потребни им се 10 бода за пласман во домашната елита (три победи и реми).

СИТЕ МЕЧЕВИ НА ГОСТИВАР ПРОЛЕТВА

18.2.2023 – Гостивар – Локомотива П. 1-0 (1-0) – Ајдини 17

25.2.2023 – Каменица Саса – Гостивар 0-3 (0-0) – Крстевски 50, Каланоски 91, 93

4.3.2023 – Гостивар – Беса 1-0 (0-0) – Петковски 70

8.3.2023 – Гостивар – Пелистер 1-1 (1-1) – Христов 5

11.3.2023 – Гостивар – Воска Спорт 0-0

18.3.2023 – Гостивар – Слога Виница 5-0 (3-0) – Каланоски 5, 9, 40, Велинов 72, Сухејб 84

1.4.2023 – Беласица – Гостивар 0-3 (0-0) – Каланоски 70, Рамадани 89, Петковски 90

8.4.2023 – Гостивар – Тетекс 5-0 (0-0) – Велинов 57, Керим 62, Рамадани 69, Каланоски 71, 75

14.4.2023 – Вардар – Гостивар 0-0

23.4.2023 – Гостивар – Кожув 5-1 (1-1) – Христов 15, Рамадани 47, 50, 54, Абази 66

26.4.2023 – Арсими – Гостивар 0-2 (0-0) – Христов 49, Каланоски 53