Гостивар играл со фудбалер кој немал право на настап – го чека остра казна?

Само што почна вториот дел од македонскиот домашен фудбал, се појави првиот циркус во второлигашката конкуренција, "режиран" од фудбалерот Гордијан Христовски, член на актуелниот лидер Гостивар. Според информациите, лидерот во Втората лига му е четврти клуб во тековната сезона на Христовскк, што е сериозен прекршок зашто во една сезона според пропозициите и правилниците на ФИФА за статус и трансфер на играчи е дозволено еден играч да има максимум три клуба во сезоната.

Христовски беше стартер на мечот на Гостивар против Локомотива Пехчево, кој гостиварци го добија минимално со 1-0, но овој фудбалер воопшто не ни требало да игра, иако во ФФМ му дозволиле регистрација заведена на 25 јануари годинава во зимскиот преоден рок, бидејќи претходно во тековната сезона веќе имал регистрации за три други клубови – Тетекс, Силекс и Скопје.

Гордијан Христовски бил дел од Тетекс до 5 јули лани, односно веќе имал една регистрација во тековната сезона 2022/23 со договор заведен од 24 август 2021 година. Но, паралелно на тоа, веќе имал договор и со Силекс од 27 јануари лани до 16 август лани, па кратовци му биле втор тим веќе на непочната сезона. Од 17 август за есенскиот дел од сезонава бил регистриран во прволигашот Скопје до 15 јануари, а потоа заминал во Гостивар кој му е четврти клуб.

Според правилникот за натпреварување кој е достапен на страницата на ФФМ, во член седум стои дека секоја тековна натпреварувачка сезона почнува на 15 јуни, а завршува на 14 јули идната година, што значи дека за оваа сезона почнала на 15 јуни 2022, ќе заврши на 14 јуни годинава, а Христовски веќе бил член на два клуба пред воопшто да почне сезоната.

Според правилникот за регистрација, статус и трансфер и членот 10, еден фудбалер може да биде регистриран максимум за три клуба во тековната сезона.

„Фудбалерите смеат да бидат регистрирани за најмногу три клубови во текот на една сезона. За време на овој период, фудбалерот има право на настап за три клуба на официјални натпревари, согласно ФИФА Правилникот за статус и трансфер на играчи“, пишува во членот.

Ваквиот прекршок сега автоматски треба да донесе службен пораз на Гостивар со 0-3, но и дисциплинска постапка во која според дисциплинскиот правилник за неправилна регистрација казната е одземање од три до девет бода од контото во тековната сеозна.

Ако ФФМ си ги следи правилата кои си ги пишува, ова би било голем удар за амбициите на клубот за пласман во Првата лига, само ако ФФМ постапи според правилата, иако низ годиниве во „куќата на фудбалот“ постојано (из)наоѓаа начин како да ги заобиколат правилата што ги напишале за да им угодат на одредени клубови, како што беше „случајот младинец“ на мечот Шкендија – А. Пандев, па изигрувањето и смешките околу излез во Европа во корона-сезоната што не се доигра...