Ѓурѓевиќ го скрши Тетекс, Ѓуџуфи со два гола за Беласица, а и Пелистер тргна со победа

Фахрудин Ѓурѓевиќ со два гола во последните 18 минути на теренот на Алумина го „скрши“ жилавиот Тетекс за да му донесе воведна победа на овие зимски подготовки на Работнички (2-0), во вториот тест на подготовките за продолжението на сезоната, а Пелистер и Беласица победија во своите контролки денеска.

Долго време мрежите на Алумина мируваа, кога Ѓурѓевиќ во 72-та минута донесе предност, а пет минути пред крајот погоди уште еднаш за триумф над второлигашот Тетекс, па Работнички ја запиша првата победа, откако во воведниот тест меч ремизираше 1-1 со Борец во овој подготвителен период.

Работнички за три дена подготовките ги продолжува во Охрид со вториот дел од оваа фаза на подготовки, а веќе на 27 јануари ја чека следниот тест против Ренова, која од вчера се подготвува на охридското крајбрежје.

Пелистер со 3-2 го победи Деволи на гостувањето во Корча во соседна Албанија, кој беше воведен тест на битолчани на овие подготовки, a веќе за три дена ќе го имаат следниот против Струга Трим Лум, кој требаше да им биде прв подготвителен меч, но поканата од Албанците ја прифатија и со тест-мечевите стартуваа порано од предвиденото.

Беласица со новиот тренер во бившиот македонски селектор Ѓоре Јовановски запиша лесна и убедлива победа со 3-0 против второлигашот Плачковица, во меч на кој блескаше младинскиот репрезентативец Бесарт Гуџуфи, кој постигна два гола, а еден беше дело на Коцев. Ѓуџуфи во Струмица дојде од Вардар и покажа дека ќе биде големо засилување за струмичани, кои на првиот тест зимава загубија од второлигашот Тиквеш со 2-3.