ФФМ му смести на Вардар гостување на враќање од Санкт Петербург
„Заостанатиот натпревар меѓу Академија Пандев и Вардар од осмото коло на Првата македонска фудбалска лига ќе се одигра в недела од 13 часот во Струмица. Така одлучи Фудбалската федерација на Македонија, иако в недела двете екипи требаше да се сретнат во Скопје во дербито на 17-то коло. Тој меч е презакажан за 10 декември. Во првиот меѓусебен официјален дуел ќе го пречекаме актуелниот шампион, а две недели подоцна ќе се сретнеме на Филип Втори. До натпреварот со нас, на Вардар му претстои гостувањето кај Зенит во Лигата Европа, а Академија Пандев му посакува успешен настап во Сант Петербург“, овјави струмичкиот тим на својата интернет-страница.
Нејасно е зошто ФФМ направи дополнителен хаос, знаејќи дека вардарци имаат далечно и тешко гостување на северот на Русија и дека ќе имаат едвај 48 часа за подготовка за новиот прволигашки меч. Од ФФМ постојано потенцирале дека ќе му излезат во пресрет на македонскиот првак, но очигледно со вакви потези тоа не е така.
„Ние се враќаме в петок наутро и ќе имаме малку време за одмор и подготовка, затоа што в недела не чека дуел со А. Пандев, па јас побарав тој меч да се игра од 18 часот“, рече Чедомир Јаневски по мечот со Пелистер.
Но, во ФФМ најтрофејниот македонски клуб по се изгледа – никој не го ферма.