Фелипе си оди од Вардар поради - „семејни причини“

Најдобриот фудбалер на Вардар, Бразилецот Хуан Фелипе повеќе нема да биде член на најтрофејниот македонски клуб, откако побарал раскин на договорот со црвено-црните иако креативецот имаше договор до 2020 година.

Фелипе веќе три ипол години е член на Вардар, има преку 100 настапи, освои три шампионски титули, играше во групите во Лига Европа и постигна еден мајсторски гол со лоб нагости кај Розенборг во второто коло од ова натпреварување.

Бразилецот наводно побарал да си оди дома поради „семејни причини“, а зачудува фактот што ептен лесно ѝ се дозволува на првата ѕвезда да си замине од екипата. Бразилецот зимава доцнеше на подготовките на клубот и во Анталија се приклучи некаде на средина од тие подготовки, а и тогаш тоа беше оправдано со семејни проблеми во родниот Бразил.

Според информациите од Вардар, вечерва раководството на клубот треба да има состанок со сопственикот Сергеј Самсоненко за спогодбата со Фелипе, но повеќе од извесно е дека Бразилецот повеќе нема да го носи дресот на црвено-црните.

Со ова само се потврдуваат шпекулациите, кои веќе долго време кружат во фудбалските кулоари дека рускиот бизнисмен полека крева раце од силно вардаровото спортско семејство. Самиот факт дека ЖРК Вардар од лето ќе биде сведен само на младинки, а од РК Вардар се случува вистински егзодус, заминувањето на Фелипе само долева масло на огнот дека Самсоненко решил да крева раце од црвено-црниот брод.

Зачудувачки е одлуката Фелипе да си замине среде сезона, без оглед што за црвено-црните практично оваа сезона заврши во март не успевајќи да освои ниту еден трофеј. Но, може да се протолкува и како знак дека Самсоненко решил тотално да го напушти фудбалскиот клуб или "помалку болното" решение - од наредната сезона и во овој колектив да се потпре само на млади играчи. 

А звучи парадоксално, зимава од Вардар заминаа еден куп млади фудбалери - од Бобан Николов, Висар Муслиу до Бесир Демири, како и странците Јамбул Џигаури, Итало. Од лето си заминува и репрезентативецот Дарко Велковски, а еве сега среде сезона и Хуан Фелипе.