Фелипе му удри шлаканица на Вардар - ако не го пуштат, ќе платат пола милион евра!
Заминувањето на Бразилецот од редовите на Вардар, вест што како бомба одекна утринава, воопшто не е ненадејно, како што се доби впечаток кај фудбалската јавност. Првичните лиферувани информации, „пуштени“ од страна на клубот, беа дека Фелипе побарал да си оди поради семејни причини, но вистината е сосема поинаква.
Мајсторот за слободни удари, но и еден од најдобрите плејмејкери кои воопшто играле во македонската Прва Лига од поодамна беше незадоволен од третманот што го има клубот спрема него и секако поради неисплатени плати и рати од неговиот договор. Неофицијално, во договорот што му важеше до 2020 година, Фелипе имаше месечна плата од 15.000 евра месечно, што го правеше да биде најскап вардаров фудбалер. Но, џабе тоа, кога платите и ратите од договорот доцнеле. Затоа и Фелипе прво се реши за тивок штрајк со нетренирање, за потоа да покрене и спор спрема неговиот клуб.
Кон крајот на минатата недела, до неговиот клуб Вардар стигна известување од адвокатската канцеларија која го застапувала Фелипе, како последна опомена пред тужба пред органите на ФИФА, за неисплатени четири плати од договорот. Што автоматски значи, според правилата на светската организација, дека фудбалерот е слободен и договорот може еднострано да се прекине.
Немајќи како да реагираат, управата на Вардар, која е свесна дека на Фелипе му се должат пари, се обидува во јавноста да „прошверцува“ верзија дека тој си оди поради семејни причини во Бразил. А вистината е дека Фелипе ги држи во рака вардарци, зашто ако ја поднесе тужбата до ФИФА, сѐ уште актуелниот македонски првак ќе треба да му ги исплати сите пари до крајот на неговиот договор (јуни 2020 година). А тоа е сума од безмалку половина милион евра!
А ако се дрзнат да не го платат, казните од ФИФА се ригорозни - од забрана за играње во евро-купови, до забрана за купување и продавање фудбалери. Вардарци поради овој случај би имале проблем и да добијат лиценца од ФФМ за настап догодина во Лигата на Европа, поради неисполнувањето на финансиските услови спрема играч(ите).
Затоа се сега и сите обиди да се дојде до „спогодбен“ раскин на договорот, со кој фудбалерот би ги добил заработените пари досега, но би се откажал од идните примања за да стане слободен фудбалер. Преодните рокови во Европа одамна завршија, но уште траат во Јапонија, Јужна Кореја и Бразил. Тие се малку веројатни дестинации за левоногиот мајстор, зашто како што дознаваме, Фелипе можно е да одмори неколку месеци, а потоа на лето повторно да се врати во Македонија, но во еден друг црвено-црн клуб...