„Ел класико“ ја крева Битола на нозе: Има ли Пелистер сила да ја прекине вардаровата доминација?

Македонскиот шампион Вардар ќе се судри попладнево со својот најголем ривал Пелистер во македонското „ел класико“, прво од четирите сезонава, во кое за црвено-црните ќе биде загревање за европскиот предизвик на северот на Норвешка в четврток, а за битолчани шанса да с излезе од длабоката криза во која западна. Дербито на двата најпопуларни клубови во земјата го одбележува ова 7. коло во Првата лига.

Двата освојувачи на трофеите во минатата сезона, Вардар (шампион) и Пелистер (Куп на Македонија) не го одиграа суперкуп-дуелот за супершампион на Македонија поради настапот на црвено-црните во Европа и историскиот пласман во Лига Европа. Сега, ова е прв дуел на двата освојувачи на трофеите да ги одмерат силите откако се радуваа на пехарите, а Вардар останува голем фаворит против битолчани.

Цели шест години Пелистер дома не се израдувал на триумф против Вардар. За шест години, Вардар шестпати гостувал и победил петпати и тоа по ред. Дури во 2011 година, Пелистер успеа со 1-0 да го победи Вардар и оттогаш се што стори во домашниот шампионат е само еднаш да освои бод. Се друго е во корист на скопските црвено-црни. Пелистер во послендите четири години само еднаш победил и тоа во Скопје во 2013 година, и оттогаш битолчани се што сториле било да се изборат на некој меч за бод. Во минатата сезона, двапати триумфираше Вардар со 1-0 и 3-2 на гостувањата од трите победи во четирите мешусебни класика, а во двата меча голови постигна Бразилецот Хуан Фелипе, кој со неверојатен волеј ја скрши Ренова пред четири дена за да го врати Вардар на победничките патеки.

Нема сомнение дека цела Битола денеска ќе биде на нозе, дека Чкембарите засилени со првиврзаници од полски Белхатов ќе се обидат да направат пекол за Вардар, но црвено-црните се двојно поквалитетни од битолчани, кои пак веќе три меча по ред не знаат за победа. Кризата на Пелистер започна со протестот со седнувањето на терен како последна опомена за неисплатените долгови од управата на стартот на средбата со Скопје (0-0), по што следеа два порази во низа.

Ова е 69-то македонско „ел класико“, а во досегашните 68 дербија помеѓу Вардар и Пелистер, 39 победи имаат црвено-црните, 13 пати се радувале битолчани, а 16 дуели завршиле без победник. Вардар постигнал 110 голови, додека Пелистер е на бројката од 68 погодоци против „црвено-црните“.

Во сенка на овој дуел во Битола се останатите три од 7-то коло, во кое Работнички првпат сезонава ќе игра на Националната Арена „Филип Втори“, каде гостува хитот на досегашниот дел од првенството, второпласираната Академија Пандев. Лидерот Шкендија гостува на Железарница кај Скопје и јасноста посебно ќе ја интересира дали тетовци ќе наидат на така тврд орев од скопјани, како што тоа беше случај со вардарци. Во Кратово, Силекс ја пречекува Победа во обид да стави крај на серијата од три порази во низа.

ПРВА ЛИГА, 7. КОЛО (15.30)

Железарница: Скопје – Шкендија (Васко Мавров)

Кратово: Силекс – Победа (Марјан Стојановски)

Битола: Пелистер – Вардар (Александар Ставрев)

„Филип Втори“: Работнички – А. Пандев (Димитар Мечкаровски)

ВЧЕРА

Ренова – Шкупи 0-0

ТАБЕЛА

Шкендија 16 (-1), А. Пандев 11(1-), Шкупи 11, Вардар 10 (-2), Пелистер 8 (-1), Ренова 6, Силекс 6 (-1), Работнички 5 (-2), Победа 5 (-1), Скопје 3 (-1).