Џиџи ќе го спасува Вардар, ќе му помага трио вардарови „деца“
Илиевски, кој беше македонски селектор во периодот од 2002 до 2003 година седнува на клупата на Вардар после осум години, откако во 2013 година имаше кратка авантура на кормилото на црвено-црните, кога град Скопје го раководеше клубот.
Но, многу кратко траеше таа соработка, после која Благоја Милевски, актуелниот селектор на надежите се врати на кормилото и ја освои шампионската титула.
На Џиџи помошници во овој период на спас на клубот ќе му бидат вардаровите „деца“ Бобан Грнчаров, Никола Глигоров и Златко Таневски, сите фудбалери на црвено-црните во златниот период на македонската гордост од 2014 до 2017 година. Кондициски тренер се очекува да му биде Михајло Шејкероски – Шани, кој есеноска беше дел од Работнички, а Саша Илиќ останува тренер на голманите.
Последен клуб во кој работеше популарниот Џиџи е второлигашот Кадино, а во кариерата беше тренер на Работнички, Куманово, Металург, Саса, Беласица, Љуботен, Скопје, Рудар, Победа, Ренова, Металург, додека во странство беше кормилар на словенечки Целје, романска Валчеа, албански Билис, индонезиска Персиџап Џепара. Едно време беше и селектор на Бангладеш.
Вардар се најде во тежок проблем поради финансискиот колапс, па клубот е единствен од прволигашите кој не ни почна со подготовки, а според последните информации, фудбалерите задутре или в среда би требало да се вратат во погон и со три тренинзи буквално да излезат на мегдан на Пелистер во македонското „Ел класико“ кое треба да се игра на 14 февруари на Националната Арена „Тодор Проески“.
За утре е закажан состанок во Академијата на Вардар, по кој ќе излезат почисти информации околу иднината на клубот, кој во пролетниот дел, ќе бид засилена и со низа млади фудбалери од младинскиот погон.
Во Вардар останаа низа поискусни фудбалери како што се Дејан Блажевски, Филип Петковски, Бојан Најденов, потоа тука се Стефан Лазаревиќ, Мартин Мирчевски, Виктор Велковски, првиот голман Филип Илиќ, како и младинските репрезентативци од дефанзивата Величковиќ-Радуловиќ, Крстевски, Ѓурковски...
Црвено-црните со милионски долг сега ги очекува сериозен предизвик зашто сите ривали веќе ги одработија подготовките и низ низа тестови ја темпираа формата за стартот на пролетта.