Дербито Вардар – Шкупи идната недела, останатите прволигаши ќе играат во сабота

Поради претстојните два последни квалификациски мечеви во мундијалскиот циклус за пласман на СП во Русија во 2018 година, прволигашкото коло закажано за идниот викенд (1 октомври) ќе се одигра ден подоцна в сабота на барање на селекторот Игор Англовски, објави Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ).

Само пресметката од градското дерби Вардар – Шкупи ќе се игра в недела од 15 часот и тоа само поради настапот на македонскиот првак во Лига Европа. Вардарци в четврток во Трондхајм му гостуваат на норвешки Розенборг во второто коло во групата Л во Лига Европа.

Останатите мечеви ќе се играт в сабота на 30 септември, а двојките се Скопје – Работнички, Ренова – Победа, Пелистер – Шкендија и Силекс – Академија Пандев. Со ова коло практично завршува првиот од четирите круга во сезонава во македонската елита.

Поради ваквото поместување, второлигашите своите мечеви од шестото коло ќе ги одиграат в недела на 1 октомври од 15 часот.

Селекторот Игор Ангеловски в понеделник ќе го соопшти списокот за претстојните два меча со Италија, кој се игра на 6 октомври во Торино и тој со Лихтенштајн на 9 октомври во Струмица. Македонија со седум бода е претпоследна во групата.