Беше кралица на македонскиот фудбал, сега чисти по куќи за да преживее!

Поранешната македонска фудбалска репрезентативка, Ширет Браими, кој пред повеќе од десетина години ги тресеше противничките мрежи како од шега и беше прогласувана за најдобра во Македонија, сега преживува вистинска голгота. 

Браими е поранешна капитенка на националниот тим, која настапуваше за Шќипоњат од 2002 до 2008 година, таа играше со екипата во квалификациите за пласман во Лигата на шампионите, а освои повеќе од десет трофеи. 

Сега минувам низ тежок период од животот. Не верував дека ова ќе ми се случи. Живеам сама, без родители. Браќата и сестрите си создадоа семејства. Јас дојдов во ситуација да морам да чистам по куќи за да преживувам. По потреба, работам и како бебиситерка. Многумина ме препознаваат, ме прашуваат што се случило, не веруваат како е можно еден толку успешен спортист да заврши вака, вели Ширет, во изјава за ЊузТв.мк.

Таа има желба само да добие пристојно вработување со редовна плата. 

Назначена сум за помошен тренер во репрезентацијата до 15 години. Но, таму има собири на секои три месеци, а хонорарот е 50 евра. Што попрво да правам со тие пари? Замолив некои луѓе да ми помогнат да се вработам, зашто мислам дека тоа го заслужив со потта пролеана за фудбалот. Ми велат дека е потребно да аплицирам за лиценците на УЕФА. Тоа не е проблем, лиценцата ќе ја добијам, но таа нема да ми обезбеди храна. Мене итно ми е потребно вработување во Фудбалската федерација на Македонија, додава Браими, за ЊузТв.мк

Таа активно играше до 2015 година, кога се пензионираше поради лоша финансиска ситуација во женскиот фудбал во Македонија.