Бабунски: Ова е почеток на нов проект, кој верувам дека ќе ја врати публиката на трибини!
Бобан Бабунски, новиот вардаров кормилар, кој дојде на клупата на местото на Чедомир Јаневски пред повеќе од два месеци денеска ја изврши прозивката на која присутни беа двајцата новајлии Филип Најдобски и Дарко Мицевски, како и Бразилецот Јуфо, бившиот фудбалер на Шкендија, кој најскоро треба да биде официјално промовиран за засилување.
„Би сакал да се заблагодарам на дадената доберба од сопственикот Сергеј Самсоненко и од управата и се надевам сите заедно ќе ја оправдаме истата. Ова е почеток на еден нов проект. Заврши една убава приказна за Вардар, пред се резултатски со освоени трофеи и историски настап во Европа и би сакал да им честитам на сите кои беа дел од тој тим, иако неколкумина од нив не продолжија со овој тим“, посочи кормиларот на црвено-црните.
Бабунски смета дека Вардар и со овој тим, со уште неколку засилувања ќе биде силен, стабилен и ќе може да ги оствари зацртаните цели.
„Дојдов во една незгодна ситуација во која треба да се почне таков проект и ја прифаќаме таа одговорност. Треба да ги вратиме резултатите и знаеме што сакаме. Имаме цел и стратегија и јас се надевам ќе успееме во тоа. Сакаме да направиме нешто слично во однос на играта и резултатите. Нам ни е јасно што очекува вардаровата јавност и секој љубител на Вардар. Бараме уште три засилувања на клучните позиции, стопер, крилен напаѓач и центарфор и се надевам дека ќе се реализираат во наредниот период. Јуфо е тука, со нас, недостасуваат уште неколку работи за официјален потпис. Се надевам дека ќе биде големо засилување за нас. Играчите кои останаа се млади, но со една година поголемо искуство. Во наредниот нов проект се надевам ќе го покажат тоа и дека ќе бидеме конкурентни. Наша цел е да одбереме играчи со профил каков му е потребен на Вардар“, изјави Бабунски на прозивката.
Бабунски нема посебна желба за престојната ждрепка на 19 јуни на која Вардар е носител и очекува послаб ривал.
„Искрено не анализираме кој може да ни падне на ждрепката. За тоа ќе разговараме по истата и ќе се потрудиме да ја спроведеме нашата стратегија и игра. Што се однесува до домашните натпреварувања, Вардар има секогаш цел – што подалеку да дојдеме до Европа и да бидеме што подобри во првенството и Купот. Наша цел е да направиме игра која ќе биде привлечна за публиката и истата да ја вратиме на стадион“, додаде Бабунски.
Вардарци до среда ќе работат во Скопје, а од четврток се селат во Словенија, каде ќе ги одработат завршните подготовки во местото Зрече и до 1 јули преку седум контролки ќе ја бараат формата за европскиот предизвик кој почнува на 12 јули со првиот меч од првото коло во квалификациите за Лига Европа.