Навивачки спас на Динамо Букурешт: Секој меч стадионот е распродаден, иако се игра на празни трибини!

Романскиот великан Динамо Букурешт, вториот најтрофеен клуб во Романија е во тешка состојба и едвај преживува, но успева некако да скрпи крај со крај и тоа благодарение на своите – навивачи.

Иако скоро цела година фудбал се игра без публика поради пандемијата со коронавирусот, навивачите на овој тим не ги спречува ништо, дури и да го распродадат стадионот, а парите да му ги дадат на клубот за да ја преживее оваа тешка финансиска ситуација.

Така веќе петти меч по ред, сите навивачи на Динамо ги разграбуваат влезниците за Националниот стадион во Букурешт, каде ги играат мечевите, а тоа се 55.000 билети и практично стадионот е распродаден, иако никој од навивачите не смее да влезе на него.

И ова не е првпат навивачите на овој романски гигант да направат нешто за својот клуб, па неодамна сите пари што планирале да ги потрошат за пиротехника и пред секој меч со шоу да ги дочекаат фудбалерите на стадионот како поддршка за подобри резултати, ги дадоа во клубот за да им се поделат пари на играчите, макар и симболични суми, пред Божиќ.