Газдата на Фенер признал: Сѐ договоривме со Ливаковиќ!

Хрватската единица Доминик Ливаковиќ, голманот на Динамо Загреб сѐ поизвесно е дека ќе го засили турскиот гигант Фенербахче летово, чиј газда Али Коч веќе признал дека сѐ е договорено со чуварот на мрежата.

Динамо Загреб веќе одби една понуда од Фенербахче за Ливаковиќ која била незадоволителна, од пет милиони евра, па сега се очекува по завршување на сезонава да падне конечен договор, иако „модрите“ не отстапуваат од клаузулата од десет милиони која ја има во договорот со хрватскиот голман.

Ливаковиќ има уште една година од договорот на „Максимир“, а наводно веќе ги договорил условите за четиригодишна соработка со Фенербахче за еден ипол милион евра годишна плата. Турски „Си-Ен-Ен“ објави дека Коч на една вечера неодамна со многу блиски пријатели им се пофалил дека има договор со Ливаковиќ.

„Тоа што се објави за Ливаковиќ е вистина. Сѐ договоривме со Ливаковиќ и во моментов нема проблеми. Ако случајно нешто искрсне, втора опција е – ќе одам во Торино да го земам Војчех Шчесни. Сигурно е дека ќе донесеме врвен голман, но јас не верувам дека ќе има проблеми со Ливаковиќ“, рекол Коч.

Семејството Коч во Турција е едно од најбогатите, со богатство од преку осум милијарди долари, а газдата на Генер е проценет на богатство од една милијарда „зелени банкноти“. Тој е прв човек на истанбулскиот гигант од 2018 година, а во негов мандат Фенербахче заработи 16 милиони евра од Елиф Елмас за трансферот во Наполи.