Бивш вардарец потпиша за Војводина, па по само еден ден – си замина!?

Поранешниот фудбалер на Вардар, Вања Марковиќ, кој не се покажа како големо засилување во Скопје доаѓајќи да го замени репрезентативецот Стефан Спировски го направи веројатно најкусиот трансфер во историјата на балканскиот фудбал, откако само 24 часа беше член на новосадска Војводина.

Новосаѓани завчера потпишаа двегодишен договор со Марковиќ како засилување за новата сезона, но само 24 часа подоцна (вчеравечер) експресно го раскинаа договорот поради здравствени проблеми на фудбалерот за врска. Марковиќ во Војводина дојде од португалскиот второлигаш Феиренсе.

„Поради одредени здравствени проблеми, кои беа констатирани уште на првиот тренинг, Марковиќ реши да си замине и да ги напушти подготовките на Војводина, односно да се врати во Полска, каде ќе го продолжи лекувањето. Со оглед дека на Војводина во моментов ѝ требаат само сто отсто подготвени фудбалери со Марковиќ нема да биде потпишан договорот. Војводина му посакува успешна рехабилитација и среќа во понатамошниот дел од кариерата“, објавија новосаѓани.

Марковиќ кариерата ја почна во холандски Венло, па беше дел од белградски Партизан, но не стигна до првиот тим, а потоа играше во полска Корона Кјелце, пред да дојде во Вардар и беше дел од црвено-црните во историската 2017 година во која играше во Лига Европа. Си замина од Вардар минатото лето и потпиша за Феиренсе.