„Игравме заразени со корона на Ролан Гарос и се – криевме!“

Откако Марин Чилиќ и Матео Беретини закачија коронавирус, па поради тоа не играат на Вимблдон, што е спортска тема во Велика Британија, французинката Ализ Корне во интервју за најугледниот француски весник „Л'Екип“ ја запрепасти јавноста и откри нешто што експресно предизвика бура.

На ланскиот Роланд Гарос, вториот гренслем во годината на терените во Париз, како што објави Корне, еден куп тенисер(к)и играле заразени со ковид-19 и се криеле, не пријавувајќи симптоми, иако ги имале. Според неа, имало договор да се молчи и да не се кажува ништо, само за да се истурка турнирот, а тенисер(к)ите да не одат во карантини и со тоа предвреме да го завршат настапот или воопшто да не го започнат.

„На 'Роланд Гарос' многу играчи, како во машка, така во женска конкуренција, имаа проблеми со ковид-19. И се договоривме да не кажуваме ништо. Имавме и температура, болки во грло, ама продолживме да играме. Молчевме, зашто кога такви работи ќе се појават по медиумите, брзо 'оганот се шири' и тоа по малку беше загрижувачки“, рече Корне.

Таа е 37-ма на ВТА-листата, а посочи дека воопшто не го потценува ковид-19, ама...

„Имаше секогаш случаи кога тенисери или тенисерки се провлекуваа поради болеста, без притоа да ја потценам короната. Но, имаше пред неколку години и проблеми со стомачен вирус, се појави голем проблем поради храната која не беше најсвежа. Ама, за тие што имаа гастроентеритис, не се воведуваа некакви протоколи“, додава Французинката.

После ова сведочење на Корне, останува нејасно како воопшто играчите се провлекувале во „ригорозниот балон“ и редовното тестирање, за да настапат на турнирот.