Србите во чудо: Ѓоковиќ има повеќе победи, но Федерер е подобар во – сѐ останато (ФОТО)

Недостатокот на натпревари поради глобалната пандемија со коронавирусот е причина што враќањето во минатото и вртењето кон статистиката е начин со кој медиумите се обидуваат да го задржат вниманието на јавноста, па затоа не зачудува ниту анализата на меѓусебните дуели на Новак Ѓоковиќ и Роже Федерер, која го остави зачудени српските медиуми.

Причина за тоа се изненадувачките резултати, според кои Швајцарецот е подобар во меѓусебните дуели со Србинот во сите статистички категории, освен по бројот на победи. Двајцата тениски гиганти досега одиграле 50 натпревари, а скорот е 27-23 во корист на Ѓоковиќ. Но, ако детално се разложат сите натпревар, ќе се види дека Федерер и покрај тоа што има четири победи помалку, има поголем број освоени сетови (74-72), гемови (761-740) и поени (4832-4770).

Според српските медиуми, кои редовно наоѓаат објаснување за било која ситуација во која нивниот Ноле не е доминантен, причина за ваквиот однос во статистиката е фактот што Швајцарецот доминирал во првите пресметка помеѓу двајцата тенисери, за што говори фактот што доби седум од првите 10 меѓусебни дуели. Исто така, како причина за ваквите чудни бројки е и фактот што, според нив, Ѓоковиќ понекогаш победувал дури и кога не играл најдобро. Како пример за ова е наведен ланскиот триумф на Вимблдон, кога во финалето го совлада Федерер, иако беше далеку од своето најдобро издание за што говори и спасената меч точка за противникот.