Скандал во Мадрид: Тенисер тргна да се тепа со навивачи кои се кладеле против него (ВИДЕО)

Тенискиот турнир од челенџер серијата во Мадрид се најде во центарот на вниманието поради сомнителни настани за време на полуфиналниот меч помеѓу Словакот Норберт Гомбош и Полјакот Камил Мајхшак (7-6, 3-6, 7-6).

Мечот заврши со драматичен тај-брејк во третиот сет во корист на Мајхшак, а вниманието не го привлекоа спортските моменти, туку мешањето на публиката и можните индиции за коцкарско влијание. Клучниот инцидент се случи во завршницата на мечот, кога Гомбош сервираше за победа. Тогаш, од публиката се слушнаа свирежи од неколку лица, кои очигледно имаа цел да го деконцентрираат. Под притисок, Словакот направи двојна сервис грешка на брејк топка и му ја препушти иницијативата на противникот.

Поразот ја зголеми фрустрацијата кај Гомбош и неговиот тренер, кои отворено реагираа на, според нив, пасивниот однос на судијата што не ги спречи ваквите обиди за влијание. Гневниот Словак по мечот тргна да се пресмета со сомнителните фанови.

„Сега среќни ли сте? Ја уништувате играта. Не ми е гајле дали се кладите!“, викаше Гомбош.

Организаторите на турнирот веќе при влезот поставиле знак со кој ги предупредуваат посетителите да не се обложуваат, но очигледно без посакуваниот ефект. Целата недела беше обележана со сомнително однесување на дел од гледачите, кои покрај навивањето за омилените, отворено негодуваа против другите играчи – на начин што се толкува како обид за влијание врз исходот на натпреварите.