„Не му се плашам на Ѓоковиќ – одам на победа против најдобриот на светот!“

Францускиот тенисер, Корантен Муте, со големи возбудувања го дочекува вечерашниот дуел од второто коло на мастерсот во Рим, а причина за тоа е фактот што ќе ги одмери силите со светскиот рекет број еден, Новак Ѓоковиќ.

Тој како „среќен губитник“ во квалификациите влезе во главниот дел од турнирот, а потоа со триумфот во пресметката со Роман Сафиулин си обезбеди џекпот. Двајцата досега меѓу себе имаат одиграно само еднаш и тоа во Париз пред пет години, кога Србинот победи во два сета.

„Сакам да играм вакви натпревари. Играв со Надал на Ролан Гарос, со Новак во Берси, пак ќе играм овде. Тие се при крај на кариерата и ова е шанса да ги запознаам - изјави Муте.

Тој не се плаши од играњето против најдобриот играч на планетата.

„Против Ѓоковиќ ќе излезам на победа, иако не сум фаворит. Тоа е начин на почитување на противникот. Иако се уште е еден од најдобрите играчи во светот, ќе видиме што ќе се случи. Многу сум возбуден. Тоа ќе биде еден од најголемите натпревари за мене што ќе ги одиграм во кариерата“, дополни Французинот.