Надал неочекувано најави учество на престижен турнир

Шпанскиот тенисер Рафаел Надал ја игра последната сезона во кариерата и затоа сака да настапи на што е можно повеќе турнири, а денеска имаше изненадување за навивачите.

Надал ќе учествува на престижниот турнир Лејвер куп и ќе биде дел од „Тим Европа“ од 20 до 22 септември.

Поранешниот најдобар тенисер ќе биде во тим заедно со Карлос Алкараз, Данил Медведев и Александер Зверев.

„Среќен сум што ќе играм на Лејвер Купот во Берлин со Тим Европа. Имам убави спомени од ова натпреварување. Во овој дел од мојата кариера сакам да ја искористам секоја шанса која ми се нуди“, кажа Надал.

Ова ќе биде четврти настап за Надал на турнирот, откако претходно играше во Прага во 2017 година, па две години подоцна во Женева и во 2022 година во Лондон.