Надал: Не можам да ја замислам Шпанија без Каталонија

Најдобриот шпански тенисер Рафаел Надал, кој годинава го освои рекордниот десетти Роланд Гарос, а триумфираше и на УС-опен изјави дека не може да замисли провинцијата Каталонија да се отцепи од Шпанија.

Во Каталонија е закажан референдум за независност, овој регион е убедливо најбогат во Шпанија и веќе долго време се дебатира за отцепувањето. Идејата за независност е поради централизмот од Мадрид наметнат уште од граѓанската војна во 30-те години и подоцка ултрадесничарската власт предводена од генералот Франко.

„Јас тоа не сакам да го видам, но очигледно е дека тоа е нешто што се случува. Сакам двете страни сериозно да разговараат за овој проблем и да најдат најдобро можно решение. Верувам дека тоа го мисли најголемиот дел од луѓето во Шпанија. Не ни се потребни судири и проблеми, затоа што заедно сме подобри и посилни“, рече Надал, кој е роден на Мајорка.

Каталонија во 1977 година доби одредена автономија, но сето тоа само ја зголеми желбата за отцепување. Референдумот е сакажан за до крајот на годинава, а за истиот се спротивставуваат властите во Мадрид, кои истиот го посочуваат како неуставен. На органите за ред и мир од Мадрид им е наложено да се спречи одржувањето на референдумот.