Медведев „воскресна“ - со феноменален пресврт до осминафинале на Австралија опен!
Мечот почна шокантно за трикратниот финалист на турнирот, кој ги загуби првите два сета и се најде на чекор од елиминација. Марожан, кој одигра на највисоко ниво, дури направи брејк и на стартот од третиот сет, сериозно заканувајќи се со сензација. Токму тогаш Медведев го покажа карактерот по кој е познат. Веднаш возврати со рибрејк, а во завршницата на сетот го скрши отпорот на унгарскиот тенисер и го доби со 7-5 – момент што целосно го смени текот на дуелот. Од тој миг, Русинот ја крена играта на повисоко ниво, додека Марожан почна видливо да паѓа физички.
Четвртиот сет беше целосна доминација на Медведев, кој го доби со 6-0 за само 20 минути, а во решавачкиот петти сет рутински ја заврши работата и ја потврди победата. Статистиката дополнително ја нагласува неговата надмоќ – 19 аса и 48 винери во текот на мечот. Со овој триумф, Русинот по петти пат во кариерата направи пресврт од 0-2 во сетови, што е силна најава за негово враќање меѓу најдобрите десет на АТП-листата. Во осминафиналето го очекува дуел со младиот Американец Лернер Тиен.