Кинески новинари објавија фотографии и видео од „исчезнатата“ Пенг Шуаи

Кинеската тенисерка Пенг Шуаи предизвика голема бура во тамошната јавност кога преку социјалната мрежа „Веибо“ објави дека поранешниот заменик премиер на Кина, Жанг Гаоли ја силувал во периодот од 2013 до 2018 година. 

Нејзиниот профил од платформата брзо го снема, па на тенисерката и се изгуби секој траг. АТП, ВТА и ИТФ како главни тениски организации почнаа да поставуваат прашања и да ја бараат Пенг Шуаи, а во кампањата се вклучија и сите најдобри тенисери и тенисерки.

Интересно е тоа што кинески новинари кои се поврзани со државните медиуми објавија фотографии и видео од тенисерката.

Многумина се сомневаат во легитимноста на овие докази дека Шуаи е добро, бидејќи таа самата не ги објавува, ниту пак дава некаква изјава.

Новинарот Шен Шивеи објави фотографии од Шуаи, наводно од разговор со нејзина пријателка на „ВиЧат“.

Уште еден новинар потоа објави видео од тенисерката како вечера со нејзиниот тренер во Пекинг.

Пенг Шуаи е поранешна тенисерка број 1 во двојки, а во кариерата освои 23 титули, меѓу кои и оние на Вимблдон и Ролан Гарос.